Подигнувањето на степенот на безбедност во сообраќајот не би било можно доколку полицијата со своите технички помагала, вклучувајќи ги и радарите, не ги одмерува параметрите и показателите дали некој пропис или правило е прекршено од страна на учесниците во сообраќајот. Иако возачите не се среќни поради тој факт, сепак тоа е едно од легитимните права на полицијата за воведување ред во трендот на сообраќајното самоволие што полека, но сигурно опаѓа во земјава
Бројот на контроли на сообраќајната полиција драстично зголемен
Безбедноста во сообраќајот нема цена. Токму затоа и изминатите години значително е зголемено присуството на сообраќајната полиција на патиштата низ земјава. Дека многу значат постојаните контроли во сообраќајот говори и фактот што статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува пад на бројот на жртви во сообраќајни несреќи, но и пад на вкупниот број на сообраќајни прекршоци.
Подигнувањето на степенот на безбедност во сообраќајот не би било можно доколку полицијата со своите технички помагала, вклучувајќи ги и радарите, не ги одмерува параметрите и показателите дали некој пропис или правило е прекршено од страна на учесниците во сообраќајот. Иако возачите не се среќни поради тој факт, сепак тоа е едно од легитимните права на полицијата за воведување ред во трендот на сообраќајното самоволие што полека, но сигурно опаѓа во земјава
Многу возачи деновиве се јавија во редакцијата тврдејќи дека се сведоци дека полицијата стои на затскриени места, зад билборди, рекламни паноа и други знаци и објекти покрај улиците и патиштата и дека со радарите мери брзини на движење на возила на несоодветни места… Но дали тоа е навистина така? Каде стојат радарите, зошто баш на тие места, кој одредува каде да се поставуваат, се само мал дел од прашањата на кои ни одговорија од Министерството за внатрешни работи.
ЗАТСКРИЕНО ДЕЈСТВУВАЊЕ ИЛИ НЕ
И покрај тоа што полициското превентивно присуство на патиштата во земјава е за поздрав, сепак возачите реагираат дека нивното присуство сепак изгледа како да постои не за да опоменат или да советуваат, туку исклучиво само за да се санкционираат возачите што го прекршиле законот и да им се напише казна за сторениот прекршок. Иако ниту еден од возачите со кои разговаравме не се осврна на фактот дека голем број од нив навистина дивеат по улиците и се причината поради која полицијата деноноќно е позиционирана на патиштата, сепак тие стојат на ставот дека полицијата се крие за да ги фати прекршителите на законите.
– Да, во ред е да има радари што ќе ја мерат брзината на возење, и тоа секако дека е потребно, но честопати ми се случува да наидам на полиција затскриена зад грмушки, во сокачиња, зад билборди, чие присуство е невозможно да се забележи и не ни дава можност да реагираме. Има милион причини зошто некој вози побрзо од дозволеното. Да се разбереме, не дивееме сите по улиците, напротив, на многу од нас ни се случува да возиме десет километри побрзо од дозволената брзина и тоа не прави од нас никакви сообраќајни насилници. Едноставно се случува да не обрнеме внимание, да изумиме и слично – вели скопјанец, кој работи како професионален возач низ Македонија.
И друг возач вели дека понекогаш чувствува дека само паричната санкција од страна на сообраќајците е важна, а не превентивното дејствување, со присуство на полицијата, разговор и опомена.
– Честопати кај тунелот во близината на Катланово во правец кон Скопје, на самиот излез од тунелот стои полиција. Значи стојат на несоодветни места, места каде што тешко можеш да ги видиш. Мислам дека вака само се револтира народот, затоа што излегува дека некој нѐ гледа како банкомати, само треба да платиме и тоа е тоа. Никој ништо не научил тука. Тој што има пари постојано ќе плаќа и казната ама баш ништо нема да му значи, ќе си продолжи да си вози брзо – вели Борис Т.
Како полицијата образложува која е причината „поради која радарските служби стојат таму каде што стојат“?
Од Министерството за внатрешни работи велат дека планирањето на службите на терен се врши од страна на непосредните раководители на организациските единици задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот на одреден патролен безбедносен реон врз основа на писмена наредба.
– Изборот на место на контрола и задачите што ќе ги извршуваат полициските службеници на терен ги одредува раководителот во зависност од безбедносната состојба на подрачјето, бројот на случени сообраќајни незгоди, густината и интензитетот на сообраќајот и прекршоците што се манифестираат на тој дел од патот – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека сепак има причина зошто радарските служби стојат таму каде што стојат.
– Во однос на местата на поставување на радарски контроли, истите тие се поставуваат на соодветни места со цел безбедно запирање на возилата и контрола на возачите и на места каде што брзината на движење е ограничена со сообраќајни знаци или според видот на патот – нагласуваат од МВР.
Според нив, и едукацијата е важна, што е докажано со долгогодишната соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, од каде што произлегоа голем број кампањи токму поради превентивното дејствување врз учесниците во сообраќајот.
– Сообраќајната полиција покрај репресивните мерки презема и превентивни мерки, учествува во разни кампањи во соработка со РСБСП, презема мерки за едукација на учесниците во сообраќајот (со спроведување сообраќајни поуки) и друго. Во оваа пригода сакаме да укажеме и да апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел поголема безбедност на сите – потенцираат оттаму.