Шахистите на Алкалоид имаат 24 домашни титули, а кугларите на Макпетрол 22, од нив 21 во низа. На оваа необична листа се и, на пример, РК Ѓорче Петров со 18 титули, одбојкарите на Работнички со 16…

Шахистите на Алкалоид, веројатно, се рекордери според бројот на освоени клупски титули во првенствата на Македонија, вкупно 24, од кои 10 во низа, а кугларите на Макпетрол изминатиот викенд ја одбранија ланската титула и сега имаат 22, но се рекордери со 21 титула по ред, според податоците за неколку екипни спортови.
Клубот што е формиран во 1976 година, досега настапил на 30 домашни шаховски шампионати, а најголемиот успех на меѓународен план го постигна во 2016 година, кога стана европски клупски шампион. Капитен е ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, а боите на клубот ги бранеле и ги бранат многу истакнати домашни и странски шахисти, како што Трајко Недев, Филип Панчевски, Влатко Богдановски, Дејан Стојановски, Звонко Станојоски и други, а од странците покрај другите Василиј Иванчук, Евгениј Томашевски, како и сегашниот претендент за титулата светски првак, Кинезот Динг Лирен.
Кугларите на Макпетрол веќе в сабота ќе имаат можност да триумфираат и во Купот на Македонија, а доколку успеат, тоа ќе биде вкупно 12-ти трофеј во тоа натпреварување. Капитен на клубот е Младен Донковски, а покрај сегашниот состав, во минатото жолтиот дрес го носеле Воислав Делов, Димитар Димитровски, Виктор Николовски, Александар Соколовски и прославениот Тодор Манев. Макпетрол е формиран во 1977 година, а на меѓународен план најзначајно постигнување му е второто место во Купот на НБЦ во 2013 година.
Од некои од клубовите со повеќе од 15 титули, ракометарките на Ѓорче Петров, порано Кометал Ѓорче Петров, имаат вкупно 18 титули, од кои 17 во низа. Поранешниот европски првак, формиран во 1979 година, беше неприкосновен 17 години во домашниот шампионат, предводен од Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Наталија Тодоровска, Милева Велкова… Ѓорчепетровки во 2002 година триумфираа и во Лигата на шампионките (ЛШ), победувајќи го во финалниот двомеч унгарски ХЕРЦ, а уште двапати (2000 и 2004) играа во финалето на ЛШ. Во 2002 година го освоија и Суперкупот на Европа, а во 2004 беа трети.
На оваа необична листа се и, на пример, одбојкарите на Работнички со 16 и кошаркарите на Работнички и ракометарите на Вардар со 15, одбојкарките на Работнички со 12 итн. Г.И.


НЕКОИ ПРВАЦИ

Алкалоид (шах, мажи) 24 10
Макпетрол (куглање, мажи) 22 21
Кометал ЃП (ракомет, жени) 18 17
Работнички (одбојка, мажи) 16 16
Работнички (кошарка, мажи) 15 7
Вардар (ракомет, мажи) 15 7
Работнички (одбојка, жени) 12 6

во првата колона е вкупниот број титули, а во втората бројот на трофеи во низа