За разлика од минатите години, годинава имаше многу поголем интерес. Целта на сите овие турнири е да се поддржат напорите на Шаховската федерација на Македонија за зголемување на интересот за шах помеѓу најмладите, да се анимираат што поголем број деца и, нормално, со зголемување на квантитетот, ќе се зголеми и квалитетот на играчите. Во овој период Шаховскиот сојуз на градот Скопје ќе организира турнири и во основните училишта од општината Аеродром, а целта е турнирите да станат традиционални и да се воведат во сите општини во Скопје, вели претседателот на Шаховскиот сојуз на градот Скопје, Ѓорѓи Миновски

ШАХ

Шаховскиот сојуз на градот Скопје, со поддршка на Општина Центар, веќе неколку години одржува училиштен турнир на ниво на општината, каде што најдобрите добиваат и стипендија од општината. Годинава на турнирот настапија 150 учесници.
– За разлика од минатите години, годинава имаше многу поголем интерес, па затоа беше потребно да се организираат и квалификациски турнири на ниво на секое од осумте училишта во општината, каде што се пријавуваа и по стотина ученици. Турнирите беа поделени во две категории: деца од прво до петто одделение и вториот турнир за деца од шесто до деветто одделение. Интересен е фактот што од 150 деца, само десетина беа познати од порано, односно деца што се веќе членови на некој шаховски клуб. Се надеваме дека барем дел од сите деца што учествуваа ќе го засакаат шахот, ќе се приклучат кон некој од клубовите и ќе продолжат понатаму поактивно да се занимаваат со шах. Целта на сите овие турнири е да се поддржат напорите на Шаховската федерација на Македонија за зголемување на интересот за шах помеѓу најмладите, да се анимираат што поголем број деца и, нормално, со зголемување на квантитетот ќе се зголеми и квалитетот на играчите – вели претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски.
Се играа вкупно пет кола со темпо за размислување од 10 минути плус три секунди по секој одигран потег.
– Она што особено сакам да го нагласам е фактот дека за победникот на секој од турнирите, Општина Центар обезбеди и стипендија во висина од 3.000 денари месечно, за период од осум месеци, што секако претставува мотив плус за сите учесници – вели Миновски.
Но Шаховскиот сојуз на градот Скопје нема намера да застане тука и само во оваа општина.
– Во овој период, Шаховскиот сојуз на градот Скопје ќе организира квалификациски турнири и во основните училишта од општината Аеродром, каде што во април исто така ќе се одржи шаховски турнир на ниво на општина, а целта е овие турнири да станат традиционални и да се воведат во сите општини во Скопје – рече Миновски.
Од септември минатата година шахот е на листата изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и за петто одделение, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) продолжува со обуката на наставничкиот кадар по предметот Шах и годинава. Засега работите на ова поле се одвиваат според поставениот план, а и заинтересираноста на наставниците е голема. Овие турнири во основните училишта само ќе придонесат да де зголеми уште повеќе интересот за шах во основните училишта. Г.И.


Крстевски и Лазовски победници

На првенството на Општина Центар настапија вкупно 150 деца, поделени во две категории. Во категоријата од прво до петто одделение настапија 62 ученици, а победи Павел Крстевски (ООУ „Димитар Миладинов“) со пет поени, пред Горазд Черепналковски (ООУ „Димитар Миладинов“) со 4,5 и Антонио Саракинчев (ООУ „Коле Неделковски“) со четири поени. Во категоријата од шесто до деветто одделение, во конкуренција на 88 ученици, победи Кристијан Лазовски (ООУ „Кочо Рацин“) со пет поени, колку што имаше и Христијан Шлакески (ООУ „Коле Неделковски“), но послаб дополнителен критериум, а трет е Даниел Камар (ООУ „Коле Неделковски“) со 4,5 поени. Г.И.