Европската Унија денеска ги продолжи рестриктивните мерки кон Венецуела за уште една дополнителна година, до 14 ноември 2019, соопшти Советот на ЕУ.
Овие санкции се состојат од ембарго на извоз на оружје и опрема за внатрешна репресија, како и забрана за патувања и замрзнување на имот на 18 лица, кои според ЕУ, се одговорни за кршење на човековите права и за поткопување на демократијата и владеењето на правото во земјата.
Земјите членки на ЕУ сметаат дека со оглед на влошената состојба во Венецуела, санкциите треба да се продолжат за една година. Тие имаат за цел да „охрбрат демократско решение“, како и да доведат до стабилизација и да овозможат да се одговори на итните потреби на населението.
– Овие таргетирани мерки се флексибилни и смислени на начин да не му наштетат на населението, стои во соопштението.
Санкциите се на сила од ноември 2017.
Европската Унија е во потрага по решение за политичка криза во Венецуела и размислува за воспоставување контакт група.