Вчера во Штип се одржаа настаните во рамките на „Простор за разговор“, проект организиран од „Интерарт културниот центар“ со поддршка на швајцарската амбасада во Скопје, кој ја опфаќа темата за родовата еднаквост и семејното насилство и низ уметнички активизам ја издигнува свеста за овој огромен проблем во општеството.
Во соработка со „ЕХО – Едукативно хуманитарна организација“, на Универзитетот „Гоце Делчев“ се одржа средба со средношколци. Во рамките на средбата беше прикажан филмот „Простор за разговор“, а со учесниците разговараа Бети Пеева, претседателка на ЕХО, Ана Зафирова, новинарка и активистка, и Огнен Јаневски, амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ. Говорниците се осврнаа на различните аспекти на темата за родовата еднаквост и семејното насилство и начините со кои може да се придонесе и да се изврши притисок во општеството со цел да се изнаоѓаат соодветни решенија и да им се помогне на засегнатите.
Вечерта, во соработка со домот за култура „Ацо Шопов“, во фоајето на домот се одржа танцовиот перформанс на „Скопје танцовиот театар“, во соработка со катедрата за танц при УГД, „Простор за разговор“, по кој беше проектиран истоимениот филм. По завршувањето на проекцијата се отвори дискусија на темата, на која учесници беа: Бети Пеева, претседателка на ЕХО, Горан Трајков, директор на домот за културата „Ацо Шопов“, и Рисима Рисимкин, уметница и професорка.
ЕХО е препознатлива организација во источниот регион во областа на заштита на жени жртви на родово базирано насилство (РБН). Организацијата исто така е фокусирана на зголемување на граѓанското учество во креирањето политики и донесувањето одлуки. Досега реализираните активности ги покажуваат посветеноста и експертизата на членовите на ЕХО во залагање, застапување и лобирање за интересите на граѓаните, во насока на нудење и обезбедување советодавни и консултативни услуги, спроведување истражувања за потребите и проблемите на маргинализираните и ранливи социјални групи, како и едукативни сесии за различни правни, социјални и здравствени теми. Едукативно хуманитарната организација ЕХО застапува примена на интегриран пристап во унапредување на родовата рамноправност и човековите права и поттикнува активно учество на граѓаните во креирањето на политики.
Партнери на националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ се универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и „Националната мрежа против семејно насилство“, како и локалните партнери и соработници од градовите во кои се случува турнејата и кои се занимаваат со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.