Швајцарската влада деновиве официјално објави дека нема да ја промени својата долгогодишна политика за забрана на извоз на швајцарско оружје во трети земји и покрај зголемениот притисок од европските земји да го извезат во Украина.
Повиците Швајцарија да ја прекине својата вековна традиција на неутралност растат и внатрешно и надворешно по почетокот на украинскиот конфликт пред повеќе од една година. Две парламентарни комисии препорачаа ублажување на правилата во јануари. Но Владата го одби таквиот предлог.
– Федералниот совет е посветен на вредностите на швајцарската неутралност и ќе продолжи да работи за да обезбеди остварување на придобивките од неутралноста – беше објавено. Сепак, тие додадоа дека ќе продолжат да ги следат дискусиите и повторно да зборуваат „ако треба“.
Земјите што купуваат швајцарско оружје мора да побараат дозвола за реекспорт на тоа оружје. Од почетокот на војната, Швајцарија доби барања од Германија, Данска и од Шпанија за извоз на швајцарска воена опрема во Украина, но сите овие барања беа одбиени. Сепак, таа усвои санкции на Европската Унија и постојано бараше повлекување на руските војници од Украина.
Подготвил: Mарјан Велевски