Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева е избран во специјалната селекција „Светско огледало на поезијата“ на интернационалниот турингиски филмски фестивал „Поетри филм таге“ (Poetry Film Tage) во Вајмар, Германија. Фестивалот ќе се одржи на 19 и 20 мај годинава.
Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ е снимен според истоимената песна на поетот Андреј Ал-Асади, музиката за филмот ја компонираше Јован Јовановски, а снимател беше Илија Жоговски. Уметничката слика што како мотив се појавува во филмот е дело на сликарот Владимир Илиевски. Продуцент на филмот е Јулијана Величковска а режисерката Сандра Ѓоргиева ‒ стручен консултант.
Поетскиот филм е дел од „Стиховно мапирање на Скопје“, проект на „ПНВ Публикации“, поддржан од Град Скопје, и за првпат беше прикажан во септември 2022 година во рамки на „Скопскиот поетски фестивал“.
Неодамна филмот беше избран и во официјалната селекција на интернационалниот „Поетски филмски фестивал ‒ Лос Анџелес“ (International Poetry Film Festival ‒ Los Angeles) во САД, каде што ќе биде прикажан на 29 април.