Фото: Министерство за одбрана на Финска

Комисијата за надворешни работи при турскиот Парламент денеска го одобри предлог-законот за членство на Финска во НАТО. Сега претстои предлог-законот да биде одобрен од Парламентот до 26 март, објави турската телевизија ТРТ.

Протоколот до парламентот го испрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. На 17 март тој ја објави подготвеноста на Анкара да ја ратификува кандидатурата на Финска за влез во НАТО.

Финскиот претседател Саули Нинисте денеска официјално ја заврши кандидатурата на Финска за членство во НАТО со потпишување законски измени на законите потребни за членство во Алијансата.

Овој потег на финскиот претседател значи дека Финска ги заврши националните мерки неопходни за влез во НАТО и сега чека само одобрение од Турција и Унгарија, единствените две од вкупно 30 членки на Алијансата кои не ја ратификуваа кандидатурата на Финска.

Нинисте ја посети Анкара минатата недела, кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе продолжи со ратификацијата на барањето на Финска.

Тоа се очекува пред претседателските и парламентарните избори во Турција закажани за 14 мај. Се очекува и унгарскиот парламент конечно да го одобри приемот на Финска во НАТО на 27 март.

Парламентот на Финска, кој има 200 членови, ја поддржа кандидатурата на земјата за членство во НАТО на 1 март со огромно мнозинство од 184 гласови.

Во мај 2022 година, Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО, но нивната кандидатура за влез беше веднаш отфрлена од Анкара, која побара од нордиските земји да ги прогласат курдските организации за терористички, да екстрадираат во Турција лица обвинети за терористички активности или помагање и поттикнување обид за државен удар во 2016 година, заедно со укинувањето на ембаргото за оружје за Турција.

Анкара подоцна ја ревидираше својата позиција за Хелсинки, истакнувајќи дека генерално ги почитувала условите од меморандумот за антитероризам потпишан со Финска и Шведска.

Турција сѐ уште има сериозни поплаки против Шведска и вели дека Стокхолм сè уште не е подготвен за членство во НАТО.