Сѐ додека се присвојуваат територии од партии, етнички ентитети или од политички лидери ќе се разградува унитарноста на Македонија. Чаир, и како општинска територија и како симбол на мултиетничкото општество, е на Македонија и секакво присвојување на овој начин е повик за федерализација и регионализација на државата, и тоа на етничка основа. Внатрепартиските конфликти треба да бидат решавани од партиите внатре во партиските структури, а не со лицитација на македонската државна територија
ДУИ не може да се ослободи од поривот за бележење територии
Од внатрепартиските превирања во ДУИ, за кои во македонската јавност е создаден (можеби површен) впечаток дека се одвиваат на по малку естраден начин – со митинзи со „пукање (огномети) и пеење“, спонтано или пресметано во изјавите на партиските актери „излетуваат“ пораки што многу реферираат на „вечниот порив“ на албанскиот политички блок во Македонија – за бележење територии и нивно заградување. Така, пред почетокот на спектакуларно најавуваниот митинг на ДУИ, високиот партиски функционер и вицепремиер во македонската влада, Артан Груби, со мобилизирачки ентузијазам во изјава за еден телевизиски медиум испрати порака со своевидни феудалистички маркери дека „Чаир е на Али Ахмети, Чаир е на ДУИ“.
– Личноста што ја има дадено изјавата во која се изразува претенциозност за партиска припадност на една општина е продукт на една корумпирана структура на владеење во Македонија и така се однесува – промовирајќи силеџиство во политиката. Всушност тој е прототип на тој феномен на уцени и корумпираност во политиката на државата, кој постојано уценува со стабилност на Владата. Одамна сме во ситуација на безалтернативен избор – или ќе паднат корумпираните политичари или нема перспектива за Македонија – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во првата политичка влада од независноста на Македонија.
Чаир е општина во Скопје, која е всушност старото јадро на градот и постојан предизвик на албански партии во Македонија за доминација и влијание врз гласачкото тело, кое се перципира како мнозинско етничко албанско. Политичките аналитичари во изјавата на Груби, пред сѐ, препознаваат порака упатена до интерната партиска конкуренција, но и до другите партии од албанскиот блок, а и патем намера да се испровоцира изблик на реакција од македонски национализам. Но од внатрепартиските конфликти често избиваат на површина „основните инстинкти“ за бележење или присвојување територии од страна на партиите, етничките ентитети или од политичките лидери.
– Во моментов, приоритетот во ДУИ е да се манифестира дека од страна на официјалното партиско водство се контролира ситуацијата на теренот, во партијата, меѓу гласачкото тело, во политичките процеси во државата. Чаир, како скопска општина, центарот на главниот град, главно со мнозинско албанско население, за албанските партии, особено за ДУИ претставува симбол на авангардата, на интелигенцијата меѓу албанскиот политички фактор, за кој сакаат да испратат порака дека ја имаат поддршката од таа напредна структура на Албанците во Македонија. Така го сфаќам тој восклик за тоа кому му „припаѓа“ Чаир. Сепак, со историјата на меѓуетничките односи во земјава не може да се исклучи и намерата да се испровоцира реакција на изблик на македонски национализам, кој ќе ги доведе Албанците во улога на жртви, а ДУИ во нивен заштитници. ДУИ постојано манипулира со тој анахрон, повеќе фолклорен наратив на Албанци жртви и тој (ДУИ) како нивен бранител за продолжување на сопствениот век на траење. Таквите наративи се надминати и Македонците не смеат да се навлечат на таквиот лизгав терен на националистички реакции – вели политичкиот аналитичар и поранешен министер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Колку и да се „фолклорни“ тие наративи за бележење „албански територии“ во Македонија, по нив редовно посегнуваат политичките субјекти од албанскиот политички блок во ситуација кога ќе почувствуваат дека им се загрозени влијанието врз гласачкото тело, комодитетот во владеењето или контролата во внатрепартиските процеси.
– Има етнички Албанци и нивни политичари што сѐ уште сонуваат територијални решенија. Не мислам на голема Албанија, која е повеќе фолклор, туку на федерализација на Македонија. Уште во раните деведесетти, тогаш млад надежен политичар етнички Албанец, сега лидер приврзок на оваа власт, говореше за „независно Косово, федерација во Македонија“ како решение за албанското прашање.
Но едно е да има „меки“ етнички решенија, а друго е воспоставување заедница на албански општини или, пак, федерално решение, бидејќи и едното и другото бара воспоставување граница меѓу едните и другите. Кој принцип ќе се употреби? Што е албанска општина? Со 50 отсто население етнички Албанци или со градоначалник Албанец? Каде ќе биде Брвеница со мнозинство Албанци и градоначалник Македонец? И ако се примени концептот на мнозинство, мнозинство на етнички Албанци во општините има само во Полог. Нема такво мнозинство ни во Кичево, во родната општина на Али Ахмети. И речиси секој четврти Албанец живее во општина каде што Албанците не се мнозинство. Историјата покажува дека ретко која граница е решена без војна, на мирен начин. Затоа, предлогот за асоцијација на албански општини не е антиамерикански, антиевропски, туку антимакедонски и антиалбански – пишуваше Сашо Клековски во своја колумна, пред неколку седмици, кога една друга албанска партија, Алтернатива, ја пласираше идејата за заедница на албански општини во Македонија, кога беше заменета во Владата со друг албански политички субјект.
Без оглед на мотивите и намерите на вицепремиерот Артан Груби за воскликот дека една скопска општина е на лидерот на неговата партија и на партијата воопшто, Чаир не ниту на Ахмети ниту на ДУИ. Сѐ додека се присвојуваат територии од партии, етнички ентитети или од политички лидери ќе се распаѓа унитарноста на Македонија. Чаир, и како општинска територија и како симбол на мултиетничкото општество, е на Македонија и секакво присвојување на овој начин е повик за федерализација и регионализација на државата, и тоа на етничка основа. Внатрепартиските конфликти треба да бидат решавани од партиите внатре во партиските структури, а не со лицитација на македонската државна територија, која, за жал, најчесто доаѓа од највисококотирани личности во државната управа.