Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, ја објави книгата „Во понеделник ќе нѐ сакаат“ од Нехат ел Хачми. Во романот е раскажана судбината на една девојка од маварско потекло, ќерка на емигранти од Мароко, која поминува проблематични пубертетски години во строго контролирано и претежно муслиманско соседство во предградие близу Барселона за време на 1990-тите години.
Нахат ел Хачми ја води нарацијата непристрасно, прикажувајќи го лицемерството на „демократското“ општество, во кое двете другарки ќе треба да се соочат со стереотипите создадени врз основа на полот, потеклото и социјалната класа и поради тоа да платат висока цена. „Во понеделник ќе нè сакаат“ во 2021 година ја добива наградата „Надал“, една од најпрестижните награди за книга напишана на шпански јазик. Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Нахат ел Хачми (2 јули, 1979 година) е шпанска писателка со мароканско потекло. Родена во Мароко, на осумгодишна возраст се преселува со семејството во Каталoнија каде што живее и ден-денес. Дипломира арапска филологија на Универзитетот во Барселона. Авторка е на голем број наградувани дела во кои внесува елементи од нејзиниот двоен идентитет и богат женски свет: „И јас сум Каталонка“ (2004), „Последниот патријарх“ (2008, награда „Рамон Љуљ“ за најдобар роман), „Туѓата ќерка“ (2015, награда „Сан Хуан“), „Тие секогаш зборуваа за нас“ (2019), а во 2021 година ја добива наградата „Надал“ со романот „Во понеделник ќе нѐ сакаат“. Нејзините романи се многу добро прифатени не само од критиката туку и од читателската публика и се преведувани на голем број јазици низ светот.
Преводот е на Лара Прокопиева (1989, Скопје), која е дипломирана преведувачка и толкувачка по италијански и шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.