Актуелниот шеф на Белата куќа се бори да ја задржи контролата над Конгресот. Трамп е ангажиран во „смртна битка“ со својот претходник Обама, кој, пак, се обидува да го одржи своето наследство, оценува „Гардијан“
Последните часови пред изборите за двата дома на американскиот Конгрес се претворија во битка помеѓу двајца претседатели – Доналд Трамп и Барак Обама. Актуелниот шеф на Белата куќа се бори да ја задржи контролата над Конгресот. Трамп е ангажиран во „смртна битка“ со својот претходник Обама, кој, пак, се обидува да го одржи своето наследство, наведува „Гардијан“.
И двајцата претседатели се обратија пред своите симпатизери, претставувајќи дијаметрално спротивни визии. Трамп во Џорџија ја претстави својата веќе позната дистопија за Америка, прегазена од странци криминалци и радикални социјалисти. Тој упати остри критики на сметка на Стејси Абрамс, демократската кандидатка, која се обидува да стане првата гувернерка Афроамериканка на некоја држава во САД.
– Ако ја изберете Стејси, тогаш Џорџија ќе ја претворите во Венецуела. Стејси Абрамс сака да ја претвори вашата преубава држава во големо засолниште за странци криминалци, изложувајќи ги невините семејства на милост на тврдокорните криминалци и предатори – истакна Трамп.
Истовремено, Обама од Индијана сугерираше дека егзистенцијалната закана доаѓа од неговиот наследник. Иако не го спомна Трамп, Обама ја критикуваше актуелната политика, предводена од човек што „без проблем лаже или ги искористува стравовите на својот народ“.
– Каква политика сакаме. Досега немаме видено политичари толку отворено, постојано и бесрамно да лажат. Само измислуваат некои работи – порача Обама.
Претходникот на Трамп се соочи со рекордно брзо укинување на некои од неговите политики. Па, така, од здравствените реформи, познати како Обамакер, климатските промени, имиграциските реформи, па до прераспределбата на приходите и составот на Врховниот суд, политиките на Обама постојано се изложени на напади.
Обама во исто време го критикува фокусот на Трамп на карванот со мигранти од Централна Америка во последните денови од кампањата.
– Две недели пред изборите, тие ни кажуваат дека најголемата закана за Америка е групата сиромашни, скршени и гладни бегалци, кои се оддалечени над илјада милји. Но, понекогаш функционираат овие тактики за заплашување на народот. Сепак, мора да има последици за луѓето кога не ја кажуваат вистината. Кога зборовите ќе престанат да имаат некакво значење, кога луѓето можат едноставно многу да лажат, демократијата не може да функционира. Ништо не функционира. Општеството не може да функционира ако нема последици – порача Обама.
И покрај нивните спротивни пристапи, како што оценува „Гардијан“, Трамп и Обама споделија слична порака за големото значење на овие избори.
– Америка се наоѓа на крстопат. Се гласа за карактерот на нашата држава – истакна поранешниот демократски претседател.
Трамп, пак, порача дека изборите ќе одлучат да се продолжи со досегашните големи успеси или „радикалните демократи ќе ја уништат“ иднината.
По сѐ изгледа нивната порака има влијание, ако за показател се земе предвид реакцијата на електоратот. Се очекува одзивот на гласачите на изборите за двата дома на Конгресот да биде најголема во изминатите 50 години. Сите 435 места во Претставничкиот дом се отворени за реизбор, а демократите имаат добри шанси да ги освојат 23-те места што се потребни да ја преземат контролата и да блокираат дел од амбициите на Трамп. Демократската партија се соочува со многу поголем предизвик во Сенатот, каде што дури 26 демократски места се отворени за реизбор, наспроти само девет републикански.
Во текот на изборната кампања, Трамп и републиканското раководство користеа жестоки говори и екстремна реторика, знаејќи дека враќањето на контролата на Претставничкиот дом кај демократите, ќе им дозволи на либералите да блокираат поголем дел од агендата на претседателот, како и да спроведуваат поагресивни истраги против него. Па, така, Трамп најави остри антиимигрантски мерки, како што е испраќањето илјадници војници на границата со Мексико и укинување на државјанството со раѓање, со кое сите деца родени во САД автоматски стануваат американски државјани.