Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп неодамна премиерно беше изведена претставата „Пипи Долгиот Чорап“ според текстот на шведската авторка Астрид Линдгрен, во драматизација на Ивана Нелковска, а во режија на Кристина Димитрова. Најмладите имаа можност да ја проследат претставата за добро познатиот лик Пипи, за нејзините авантури во кои овој пат се вклучуваат Томи и Аника.
Пипи е најневообичаеното и најсилно девојче во светот, кое ја живее слободата во буквална смисла. Децата уживаа во ликот на Пипи, кој е фантазијата на секое дете што замислува авантури и патешествија и кое не сака да ја ограничи својата фантазија на реалниот свет. Томи и Аника заедно со Пипи вистински се втурнуваат во авантурата надвор во непредвидливиот и опасен свет. Во текот на нивното патување со помош на Пипи растат и ја осознаат важноста на тоа што го имаат во својот безбеден дом. Тие знаат дека Пипи секогаш ќе биде блиску до нив, дека тој бестрашен и предизвикувачки дух секогаш ќе ги инспирира за нови игри, но во исто време ги учи дека треба да бидат подготвени, свесни и одговорни за постапките што ги преземаат. Импулсивните и непромислени решенија можат да доведат до страшни и безизлезни места. Во текот на нивното истражувачко патешествие се среќаваат со различни луѓе и ситуации, со слаткари, доктори, полицајци, циркузанти и крадци, кои ги инспирираат, предизвикуваат или ги плашат како што е во вистинскиот живот надвор од конфорниот и заштитен дом.
Одлично се претставија актерите Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски и Михајло Миленкоски, доближувајќи ги згодите и незгодите во претставата убаво пред децата. Во целосниот концепт се вклопија и одличната музика на Томе Темелкоски, сценографијата на Бојана Артиновска Трпческа, костимографијата и дизајнот на плакатот на Христијан Нашуловски.

Ка.М.