Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. Еден од првите со вакво трофејно портфолио е славниот голман на Ајакс, Хенц Стај, трипати по ред европски првак, кој, според стилот на играта на Ајакс и фудбалските квалитети, беше сметан за второ либеро на тимот

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (1)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за израмнување на рекордот од шест такви пехари во кариерата, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и тројца трикратни европски прваци, но и други фудбалери, кои биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации…
Еден од првите со вакво трофејно портфолио е славниот голман на Ајакс, Хенц Стај (78). Тој со клубот од Амстердам трипати по ред стана европски првак, во 1971, 1972 и во 1973 година, во време во кое за Ајакс играа и легендите, холандските репрезентативци Јохан Кројф, Јохан Нескенс, Руд Крол, Ари Хан, Џони Реп, Вим Сурбие, Бари Хусхолф…, а беа предводени од тренерите Ринус Михелс (европски првак со Ајакс во 1971 г., светски вицешампион во 1974 година и европски првак во 1988 година со Холандија) и од Стефан Ковач (европски првак со Ајакс во 1972 и во 1973 година). Според стилот на играта на Ајакс и индивидуалните фудбалски квалитети, Стај беше сметан за второ либеро на тимот.
Стај во тие финалиња го постави и првиот рекорд за несовладливост, откако во 270-те минути од финалните натпревари не прими ниту еден гол (Ајакс победуваше двапати со по 2-0, на дуелите со Панатинаикос во 1971 година и со Интер една година подоцна и еднаш со 1-0, на средбата со Јувентус, во 1973 година).
Тој рекорд потоа беше соборен од Германецот Сеп Маер, кој во следните три години трипати стана првак со Баерн. Маер не прими гол точно 276 минути по ред во четирите финалиња во тие три години (шест минути од првото финале во 1974 година со Атлетико Мадрид, потоа 90 минути од повтореното финале таа година, 4-0, откако првото заврши со реми 1-1, како и во финалињата во следните две години, 2-0 со Лидс во 1975 година и 1-0 со Сент Етјен една година подоцна).
Стај го бранеше голот на Ајакс во периодот од 1967 до 1976 година, во кои покрај трите европски клупски титули стана и светски клупски првак, освои четири домашни титули и три купа на Холандија, како и два европски Суперкупа.
Според некои податоци, Стај го држи и индивидуалниот рекорд за најмногу минути без примен гол (1.082) во првенството на Холандија (поставен во 1971 година), а го загуби апсолутниот клупски рекорд во 2004 година од ПСВ Ајндховен, кој, сепак, успеа да го постигне тоа со двајца голмани (вкупно 1.159 минути).
Сепак, Стај не бранеше ниту еднаш за репрезентацијата на Холандија, која во тоа време на голот ги имаше, на пример, Јан Јонгблуд (тогаш член на ФК Амстердам, „единица“ на Холандија на Светското првенство во 1974 година), Пит Шрајверс (од Твенте, бранеше за Холандија на Европското првенство во 1976 година), Еди Трајтел (од Феенорд)… Г.М.

(продолжува)
Идната надела: Еден од најдобрите либера во Европа