Разговараме за организирање клупско СП за жени и светска серија на ФИФА во март на секои две години, изјави Инфантино, кој најави план за ист награден фонд на СП за мажи и за жени, како и разговори за ограничување на платите

ФУДБАЛ

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, вели дека има потреба од „многу повеќе“ фудбал. Управното тело на светскиот фудбал најави проширување на Светското првенство во 2026 година и го претстави новото светско клупско првенство со 32 тима. Но проширувањето на фудбалскиот календар беше критикувано од синдикатите на играчи и Ла лига, пишува „Би-би-си“.
– Кога слушам дека има премногу фудбал, да, можеби на некои места, но не секаде. Всушност, во повеќето делови на светот не се игра доволно фудбал. Ни требаат многу повеќе, а не помалку натпреварувања, сакаме фудбалот да се развива низ светот. Разговараме за организирање светско клупско првенство за жени и светска серија на ФИФА во март на секои две години, кога репрезентациите се ослободени од играње квалификации – изјави Инфантино, пренесе „Би-би-си“.

На Светското првенство во 2026 година, кое треба да се одржи во САД, Мексико и во Канада, бројот на репрезентации ќе се зголеми од 32 на 48. Турнирот ќе има 104 натпревари наместо проектирани 80, откако ФИФА го промени предложениот формат од 16 групи со по три селекции на 12 групи со по четири репрезентации. Исто така, ќе има нова нокаут-фаза со 32 селекции и за титулата ќе треба да одиграат осум натпревари, наспроти седум до Светското првенство во 2022 година. Светското клупско првенство со 32 екипи ќе се одржува на секои четири години од јуни 2025 година.
Инфантино рече дека вкупниот награден фонд за Светското првенство за фудбалерки годинава ќе биде 150 милиони долари, во споредба со 15 милиони долари во 2015 година. Светското првенство за мажи минатата година во Катар имаше вкупен награден фонд од 440 милиони долари.
– Нашата мисија е да има еднаквост во плаќањата за светските првенства во 2026 година за мажи и за жени во 2027 година – рече Инфантино.
Инфантино, кој беше реизбран на 73-от конгрес на ФИФА во Руанда, разговараше и за можноста за воведување ограничување на платата во фудбалот.
– Мораме да ги подобриме нашите регулативи и статутот на ФИФА. Ќе продолжиме да ги развиваме нашите принципи за добро владеење и да го разгледуваме системот за трансфери, а може да имаме и дискусија за подобрување на транспарентноста на трансферските такси и платите. Можеби ќе биде неопходно да се воведе ограничување, мораме да размислиме како можеме да го направиме тоа. Ќе го разгледаме со сите засегнати страни и ќе видиме што можеме да направиме – рече тој. Н.М.