Договорот вклучува повеќе полиња на заеднички интерес, размена на знаења и искуства за зајакнување на самите институции и развој на параолимпиското движење, вели претседателот на Параолимпискиот комитет на Македонија, Бранимир Јовановски

Во Комотини (Грција) се одржа тридневен самит на параолимписките комитети на Југоисточна Европа, на кој учествуваа претседателите и генералните секретари на комитетите од Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Кипар и Израел и беше потпишан Договор за спортска соработка.
– За време на престојот во Комотини имавме можност да се дружиме со младите пингпонгари, да ги споделиме со нив нашите искуства како поранешни спортисти и освојувачи на медали од параолимписки игри, да придонесеме во градењето на нивното меѓусебно пријателство, респект и фер однос кон спортот и колегите спортисти. Се одржаа неколку работни состаноци со претставниците од наведените комитети, а на крајот на самитот, во Градската библиотека во Комотини, во присуство на претставниците на медиумите и градоначалникот на Комотини, беше потпишан Договор за спортска соработка, кој вклучува повеќе полиња од заеднички интерес, пред сѐ размена на знаења и искуства за зајакнување на самите институции и развој на параолимпиското движење – вели претседателот на Параолимпискиот комитет на Македонија, Бранимир Јовановски.
Самитот се одржа во организација на Параолимпискиот комитет на Грција.
– Беше договорено параолимписките комитети потписници на овој договор да соработуваат на полето на развојот на параолимпискиот спорт, истражувања што се однесуваат на едукација и инклузија на младите лица со инвалидност низ спортот, развој на програми за промоција на параолимпискиот спорт, развој на програми за размена на искуства и знаења од спортисти и тренери, антидопинг-програми, едукација на регионални класификатори по одделни спортови, промоција на параолимпискиот спорт, со посебна грижа за вклучување на младите лица со инвалидност и жените со инвалидност во спортот – вели Јовановски. Г.И.