Тој започна фудбалска академија од нула, вложувајќи дел од сопственото богатство, а остатокот го позајми за да го поддржи проектот. Повеќе од 10 милиони фунти беа инјектирани за да го поттикнат неговиот сон, а тоа е создавање генерација што ќе ја натера Романија на борба за освојување на титулата светски првак

ГЕОРГЕ ХАЏИ, ПОРАНЕШЕН ФУДБАЛЕР И СЕЛЕКТОР НА РОМАНИЈА

Георге Хаџи, кој го осветли патот на Романија до четврт-финалето на СП во 1994 година и се смета за нејзин најдобар играч на сите времиња, е во мисија да го трансформира романскиот фудбал. Во текот на 29-годишната професионална кариера, која ја заврши во Галатасарај во 2001 година, играше за Костанца, Спортул Стеауа, Реал Мадрид, Бреша и Барселона и настапи 124 пати за својата држава, постигнувајќи 35 гола. Хаџи, кого го нарекоа „Марадона на Карпатите“, се пласира на четвртото место за „златна топка“ во 1994-та, а легендарниот Пеле го вклучи во 125-те најдобри живи играчи во светот во 2004 година – пишува Би-би-си.
Хаџи се сврте кон фудбалското раководство неколку месеци по своето повлекување од професионалниот фудбал. Неговата прва работа беше репрезентацијата на Романија. За Кралот, како што го знаат во Романија, тоа беше груб почеток. Репрезентацијата загуби од Словенија во баражот за квалификациите за СП и испушти место на турнирот за првпат од 1986 година.
Кога играше, Хаџи можеше да одлучи сè сам преку неочекуван удар, мажен дриблинг или асистенција.
– Имав личност, имав добра контрола на топката и бев брз. Пораснав со репрезентацијата на Холандија во 1970-тите, со тотален фудбал. Јохан Кројф беше мојот идол. Поголемиот дел од времето го носев бројот 10 и знаев што значи тоа, да создадеш или да дадеш гол. Го носев дресот со бројот 10 за Реал Мадрид и Барселона, два од најдобрите тимови во светот. Мојата амбиција и мотивација секогаш беа да бидам најдобар – вели Хаџи.

Во фудбалскиот менаџмент работите му изгледаа потешко. Работите не функционираа толку брилијантно на почетокот, но сликата сега е поинаква.
Со 58 години, тој е сопственик и главен тренер на Фарул Констанца, актуелниот лидер на Романија. По работните места во Галатасарај, Бурсаспор и Стеауа Букурешт, во 2009 година се врати во својот роден град Констанца со храбра амбиција. Тој започна фудбалска академија од нула, вложувајќи дел од сопственото богатство, а остатокот го позајми за да го поддржи проектот. Повеќе од 10 милиони фунти беа инјектирани за да го поттикнат неговиот сон, а тоа е создавање генерација што ќе ја натера Романија во борбата за освојување на титулата светски првак – пишува Би-би-си.
Кога ја започна академијата, се приклучија повеќе од 200 деца од целата земја, а биле ангажирани околу 100 вработени. Академијата го презеде третолигашкиот клуб Виторул Констанца и брзо освои последователни промоции до највисоката лига. Во 2017 година се случи речиси незамисливото – тимот на Хаџи ја освои титулата во Романија, а успехот во домашниот куп следуваше две години подоцна. Во 2021-та, клубот се спои со Фарул Констанца.
Голем дел од парите што Хаџи ги заработил како играч сега е вложен во неговиот клуб. Фарул е еден од најмладите тимови во Европа, со филозофија на клубот насочена околу развојот на младите. Еден од оние што се искачија низ скалите на академијата е синот на Хаџи, Јанис (24), кој сега е во Ренџерс, откако играше за Фиорентина и Генк.
Тотенхем и Њукасл се обидоа да го ангажираат Хаџи во 1990-тите.
– Имав две можности да играм во Премиер-лигата и жал ми е што ги пропуштив. Го сакав Кевин Киген како дете, оти тој беше еден од моите идоли, но кога Кројф ќе ви се јави лично и ќе ве замоли да одите со него во Барселона, тешко е да се одолее. Потоа се одлучив за Галатасарај – раскажува Хаџи.
Хаџи напиша и книга за фудбалот.
– Ставив сè внатре, за мојата тактика, мојата филозофија, за тоа како го гледам фудбалот. Треба да започнете со основните работи, прво да ги правите едноставните, а потоа да одите чекор по чекор кон покомплицираното. Моето мото е „роден сум да победувам, а не само да постојам“, затоа се обидувам да го применам тоа во сè што правам и да ги инспирирам оние со кои работам да го прават истото тоа. Кројф е мојата инспирација. Од неговите методи и идеи научив толку многу – објаснува Хаџи.
Академијата на Хаџи има цел да промовира најмалку двајца играчи во првиот тим секоја сезона.

– Имав среќа да имам добри наставници, кои го забрзаа мојот напредок. Тоа е она што сакам да го правам сам. Целата оваа академија е мојот начин да му вратам нешто на фудбалот, оти секогаш се чувствував должен кон него – дециден е Хаџи.
Академијата се наоѓа веднаш надвор од Констанца, град со околу 300.000 луѓе. Романската влада ќе инвестира речиси 100 милиони фунти во новиот проект, кој треба да биде готов до 2025 година.
– Се вратив во Констанца бидејќи таму сум роден. Работам на создавање светски шампиони. Верувам во ова. Верувам во работата што ја работам и во талентот на романските играчи. Tреба да ги поставите најголемите цели и неуморно да верувате, во спротивно, нема да направите многу – категоричен е Хаџи, кој со репрезентацијата играше на три СП (1990, 1994, 1998), како и на три ЕП (1984, 1996, 2000), а има одиграно 125 натпревари. Селекторската кариера ја започна 2001 година во романската репрезентација, но доби отказ по две години. Г.И.