Живот кога ја снема и „позитивната нула“

За ваквите состојби во локалната самоуправа многу придонесуваат и непочитувањето на законите, непреземањето казнени мерки, како и создадената штетна системска пракса да се штитат должниците наместо доверителите. Упатените во овие состојби велат дека со доследно почитување на законите и со бескомпромисно преземање законски санкции против неодговорните градоначалници нема да се создаваат долгови. Сите овие проблеми уште еднаш наведуваат да се отвори прашањето за сегашната несмасна и неефективна за работа територијална административна поделба направена во 2004 година. Упадот во административното прекројување на општините не само што многу од нив ги направи економски неодржливи туку и севкупно на државава ѝ го промени карактерот и таа од унитарна држава, стана де факто расчленета и етнички поделена, со потенцијал за регионализација и федерализација. Под притисок на партиските штабови се донесе новата територијална поделба на земјата, при што се создадоа општини дури и таму каде што никогаш ги немало

Денеска е последниот рок до кога фирмите и компаниите треба да ги достават завршните сметки за своето работење во минатата 2022 година. Во т.н. едноумие поднесувањето на завршните сметки беше свечен чин, кој фирмите и компаниите покрај работно и свечено го прославуваа. Некои успешни компании на своите вработени им доделуваа дури и 13-та плата. Се славеше дури и тогаш кога некои компании по завршна сметка, во завршниот биланс прикажуваа резултат од нула денари. Но за да го прикажат и таквото работење со резултат нула денари како позитивно, рентабилно и успешно, тогашните (едноумни) власти и раководители го измислија поимот „позитивна нула“. Иако во економијата нулата е нула, сепак во тоа време и нулата беше знак за наводно добро, домаќинско и успешно работење. Денес во македонската економија многу ретко ќе слушнете како работат компаниите. За најголемиот број од нив тоа е деловна тајна. Многу ретко дури и воопшто денес не се спомнува и изразот „позитивна нула“. Овој израз одамна го напуштија и раководителите и сметководителите од тоа време.
Кај нас сега на ниво на државна тајна се чува и тоа кој колку заработил во годината што измина. Па така, не се знае ни кое е тоа осумгодишно дете, кое според податоците на Управата за јавни приходи заработило најмногу во 2022 година, а на ниво на строго чувана тајна е и пензионерот што на 96 години најмногу заработил минатата година. И во држава каде што најмногу заработиле осумгодишно малолетно дете и највозрасен деведесетгодишен пензионер, кој сериозно се доближил до стотата година од животот, не треба воопшто да нѐ чуди што значи тоа во наши, македонски услови да се има „пазарна и конкурентна економија“!?
Деновиве покрај фирмите и компаниите, завршните сметки до Централниот регистар ги предадоа и општините. Иако најголемиот број градоначалници пред советниците се пофалија со добри резултати, сепак во Македонија и натаму има општини што и по речиси три децении од територијалната и финансиска децентрализација работат со долгови и блокирани жиро-сметки. Многумина велат дека нешто над дваесетина општини, од вкупно 80, не можат да функционираат нормално, бидејќи се со големи долгови и блокирани сметки. Некои од општините се со блокирани жиро-сметки дури и над 25 години!? Во тој период се смениле дури и по неколку градоначалници, но ретко кој успеал да ја одблокира општината. Напротив, најголемиот број од нив ги зголемувале долговите.

За тоа колку изнесуваат долговите на општините денес прецизен одговор тешко ќе добиете и во Министерството за локална самоуправа, па и во Министерството за финансии. Но иако сите актуелни и претходни градоначалници се фалат дека добро и успешно работеле, сепак долговите на тие општини наместо да се намалуваат се зголемуваат. По секоја смена на власта ретко ќе слушнете дека претходниот градоначалник добро и успешно работел. Напротив, уште по седнувањето на фотелјата и смената на кабинетот со свои најчесто партиски кадри, на првата прес-конференција ќе слушнете дека претходниот градоначалник ја заглавил до гуша општината.
И така во круг. Секој нареден го обвинува претходниот градоначалник дека му оставил огромни долгови со камати, кои по неколкупати се поголеми од главницата на долгот. Иако пред пет години, поточно во 2018 година, Владата се обиде со 50 милиони евра да ги помогне и одблокира општините, сепак не се успеа во тоа. И покрај таквата помош од Владата, некои општини останаа со блокирани жиро-сметки.
Бројката на општини чии сметки се блокирани се менува на дневна основа. Многу од нив функционираат бидејќи судот им дозволува лимит на средства што можат да ги трошат врз основа на членот 211 од Законот за извршување, кој предвидува дека извршувањето на паричните средства на сметка на единиците на локалната самоуправа „не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на нивните основни задачи“. И токму таа законска одредба им дава можност на градоначалниците воопшто да не мислат на одблокирање на општините, туку и натаму нерационално и неекономично да работат и да им ги трошат парите на граѓаните.
Голем дел од градоначалниците не ја користат во моментот ниту обврзницата што им ја овозможува Владата да се одблокираат. Напротив, тие инсистираат да ги користат обврзниците за нови задолжувања. Иако во минатото општините тонеле во долгови, многу од нив и натаму креираат огромни буџети и преземаат обврски што не можат да ги платат. Притоа, иако наследиле огромни долгови и блокирани жиро-сметки, воопшто не се двоумат кога треба да вработат партиски кадри на раководни места, наместо стручни, и да креираат и да измислуваат проекти што биле и се само во интерес на партијата што ги предложила за градоначалничката фотелја. Со превработеноста, општините ги трошат парите за плати на заслужни партиски кадри, без потреба вработени во општинската администрација и во јавните претпријатија, наместо за инфраструктурни проекти за подобрување на квалитетот на живеењето во локалните заедници.

За ваквите состојби многу придонесуваат и непочитувањето на законите, непреземањето казнени мерки, како и создадената штетна системска пракса да се штитат должниците наместо доверителите. Упатените во овие состојби велат дека со доследно почитување на законите и со преземање законски санкции против неодговорните градоначалници нема да се создаваат долгови.
Сите овие проблеми уште еднаш наведуваат да се отвори прашањето за сегашната несмасна и неефективна за работа територијална административна поделба направена во 2004 година. Упадот во административното прекројување на општините не само што многу од нив ги направи економски неодржливи туку и севкупно на државава ѝ го промени карактерот и таа од унитарна држава, стана де факто расчленета и етнички поделена, со потенцијал за регионализација и федерализација. Под притисок на партиските штабови се донесе новата територијална поделба на земјата, при што се создадоа општини дури и таму каде што никогаш ги немало. Денес најголемиот број од овие општини мака мачат да го одржат нормалното функционирање, бидејќи многу од структурните прашања не се решени. Со територијалната поделба и децентрализацијата им биле префрлени надлежности, кои со скромните буџети во никој случај не можеле рентабилно да ги извршуваат, а згора на тоа во повеќето од нив ниту даноците не се собираат како што е пропишано.
Дури и инсистирањето за формирање етнички општини, за да се задоволат апетитите на некои партии, очигледно не го даде посакуваниот резултат, па сега се заговара некакво регионално поврзување, во кое, замислете, им пречеле „македонски енклави“, за натамошно територијално распарчување на Македонија.
По сето ова, сериозно се поставува прашањето не е ли вистинско време за преиспитување на овој проблем, на лошата територијалната поделба на земјата. Не е ли време за интеграција, наместо за дезинтеграција, каде што економските интереси, домаќинското работење и заедничкиот просперитет ќе бидат доминантни, а не ситните партиски интереси и додворувањето на гласачкото тело, без притоа да се води грижа за реалните потреби.