За мене е неприфатливо Македонија, Македонците, македонскиот јазик да не можат да влезат во ЕУ зашто ги немало Бугарите во македонскиот устав?! Македонија и Македонците опстојувале на овие простори и кога немало држава, па апсурдно е да се негира и загрозува нивното постоење сега кога имаат своја држава. Овие премрежиња ќе поминат. Само апелирам да бидат одговорни и транспарентни оние што се на власт во однос на обврските што ги преземаат во процесот на евроинтеграциите, истакнува Аднан Ќахил, политички претставник на Турците во Македонија
Интервју со Аднан Ќахил, политички претставник на Турците во Македонија
Аднан Ќахил, универзитетски професор, хемичар со искуство во реалниот економски, производствен сектор, но и во образованието, е активен на политичката сцена во Македонија речиси од нејзината независност, кога во 1991 првпат учествува на парламентарните избори како кандидат на Турскиот демократски сојуз. Тогаш не станува пратеник, но во 1998 година е на листата на Демократска алтернатива, кога успева да влезе како пратеник во Собранието, но го отстапува пратеничкото место за министерска позиција. Во речиси тридецениската политичка кариера, трипати е министер без ресор, задолжен за странски инвестиции, и двапати има пратенички мандат. Подолг период е лидер на Партијата за движење на Турците во Македонија, а лидерското место го отстапува доброволно во 2018 година, но од 2019-та веќе не е дел ниту од партијата. Иако последниве години е насочен на универзитетската кариера, Аднан Ќахил сепак е одлучен како единка да покаже дека политичкото дејствување и став не мора да се практикуваат само во рамките на партијата. Покрај политичката и научната дејност, Ќахил не сака во својата биографија да го запостави моментот на својот спортски ангажман, како карате-мајстор, црниот појас осми дан, како и успесите на КК Вардар, во кои самиот има вложено многу знаење, искуство и труд.
Речиси три децении сте дел од македонскиот политички амбиент, препознатлив како политичар што ги застапува правата на турската етничка заедница во Македонија. Статусот и улогата на етничките заедници (малцинствата) во Македонија од 2001 година во најголема мера се дефинирани според Охридскиот договор. Го доби ли турската заедница вистинското место, т.е. статус во македонското општество според принципите на Охридскиот договор?
– Реално, ниту добивме некаков статус, ниту бевме прашани, ниту консултирани за тој фамозен рамковен договор. Во тој период, иако бев дел од тогашната влада, од името на мојата партија честопати кажував дека ние не го прифаќаме рамковниот договор, но секако дека го почитуваме, зашто во тој историски миг донесе некаков мир и се базира на принципот на мнозинство. Но во ниту еден момент од подготвувањето на тој договор, турската заедница во Македонија не беше прашана апсолутно за ништо поврзано со него. Според тој договор, во Македонија постојат само две заедници: македонска и албанска. Другите заедници беа колатерална штета на тој договор, кој им беше понуден според принципот – земи или остави. Јас не го прифатив тоа, и денес не го прифаќам, зашто сметам дека рамковниот договор оди во штета на Турците граѓани на Македонија. Со тој договор е дерогиран Уставот на Македонија од 1974 година, според кој конститутивен елемент на тогашната Социјалистичка Република Македонија беа Македонците, Турците и Албанците. Според Уставот од 1974 година, Турците имаа поголеми права, кои им беа одземени со рамковниот договор. Овој договор создаде една апсурдна уставна ситуација во Македонија, особено од аспект на земја-кандидат за членство ЕУ. Каде во Европската Унија постојат три категории на народи: мнозинство – македонски народ, народ од 20 отсто и тие што се под 20 отсто? Тоа е нешто што не можам да го прифатам, дека правата и обврските во една држава потекнуваат од некакви проценти.
Да не заборавиме дека оваа држава е формирана за време на Народноослободителната војна, во која учествуваа и Турците за ослободување на Македонија и дадоа повеќе од 8.000 жртви. Тоа, со рамковниот договор и со последните настани што се случуваат, едноставно се брише. Односно има обид да се избрише улогата на Турците граѓани на Македонија во рамките на уставотворноста, во однос на носењето консензуални одлуки. Тој рамковен договор очигледно донесе мир во одреден миг, но од денешен аспект се покажува дека и без да се промени Уставот, стануваме биетничка држава по сите основи. Вака, сега, за надворешна употреба имаме држава со мултиетничко општество, а за интерна употреба – длабока биетничка држава. Мојата позиција е дека Македонија треба да биде држава на сите граѓани, без оглед на етничката припадност. За жал, рамковниот договор создаде општествено-политички амбиент за две категории граѓани и тоа е неприфатливо.
Каков е ставот на турската заедница во Македонија во однос на идентитетските предизвици што им се поставуваат на Македонците, како услов за продолжување на евроинтегративните процеси?
– Во оваа фаза на евроинтегративните процеси, главен предизвик се бараните уставни измени во преговарачката рамка на ЕУ, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Турците во Македонија како дел од турскиот народ се внесени во Уставот и, од таа позиција, принципиелно немам ништо против и Бугарите да бидат дека од македонскиот устав. Но клучното прашање сега е кој им ветил на Бугарите дека ќе влезат во Уставот. Тие што го дале ветувањето треба да се осмелат и да кажат зошто го направиле тоа. Зошто Бугарите не барале пред 20-30 години да бидат дел од македонскиот устав? И тогаш имале право да го бараат тоа што го бараат сега, преточено како услов за евроинтеграциите на Македонија. Зошто токму во овој миг се случува?
Народот во Македонија, сите заедници во земјава, нема проблем некоја заедница да влезе во Уставот. Затоа велам, ако се сите граѓани на Македонија, нема да има потреба од такво етничка уставна категоризација. Прашањето на самоопределување на граѓаните според етничката припадност ќе биде регулирано на друг начин, во самата држава. Мене, како припадник на турската заедница, апсолутно не ми пречи некоја заедница да влезе или да излезе од Уставот. Сите ние првенствено сме граѓани на Република Македонија, ова е наша држава, наш дом, мој дом и на сите што се наведени во Уставот. И тие што како делови од народ не се наведени во Уставот треба да ги имаат истите права и обврски како граѓани на Република Македонија. Стапицата во овој услов за внесување на Бугарите во македонскиот устав е во тоа што ќе се случува понатаму, какви понатамошни импликации ќе предизвика тоа и на внатрешнополитички план, во Македонија, но и на планот на македонските евроинтеграции. Но ако тоа е услов за да бидеме дел од ЕУ, услов „или-или“, тоа е погрешно поставена позиција. Секако дека треба да имаме чувство за правото на слобода на изразување на сите граѓани во државава, во смисла на нивното национално самочувство, но тоа никако не смее да биде услов за членство на Македонија во ЕУ. За мене е неприфатливо Македонија, Македонците, македонскиот јазик да не можат да влезат во ЕУ зашто ги немало Бугарите во македонскиот устав. Македонија и Македонците опстојувале на овие простори и кога немало држава, па апсурдно е да се негира и загрозува нивното постоење сега кога имаат своја држава. Овие премрежиња ќе поминат. Само апелирам да бидат одговорни и транспарентни оние што се на власт во однос на обврските што ги преземаат во процесот на евроинтеграциите.
Да бидам конкретен, турската заедница во Македонија недвосмислено ги поддржува македонската нација и националниот и јазичниот идентитет во однос на сите предизвици што се појавуваат во контекст на евроинтеграциите.
Се соочува ли турската заедница во Македонија со одредени предизвици во однос на сопствена афирмација или можеби интегрираност во македонското општество?
– Владите или Владата во Македонија требаше да увидат дека со стотиците илјади бугарски државјанства што се земаа од страна на Македонците низ годините и кога се возеа автомобили со бугарски таблички, еден ден ќе дојде на наплата таа фактура. Еве, сега се плаќа таа фактура. Можам да кажам само дека Турците во Македонија немаат бугарски државјанства, а многу ретко имаат и турски државјанства. Единствено државјанство што најчесто го имаат Турците граѓани на Македонија е македонското државјанство. Ние сме граѓани на Македонија, иако сѐ уште многу граѓани во земјава, од сите етнички заедници, изразуваат ставови дека Турците се гости во оваа држава. Сѐ уште има одреден однос, и на политички план и во секојдневниот живот, дека некој некому му дава нешто и дека му е доволно. Порака до нив – ние не сме гости, ние сме конститутивен елемент на оваа држава, сакаме рамо до рамо да живееме заедно во Македонија, во идната европска Македонија. Возот на таа европска Македонија во секој случај се движи напред, но некои очигледно сакаат да бидат во првиот вагон, а другите да бидат во сточниот вагон. Тоа не може!
Гледате ли решение за излез од маѓепсаниот круг на непринципиелни условувања за македонските евроинтеграции?
– Треба да најдеме начин како да се смириме со Бугарија. Секако, ова што го бара Бугарија е небулоза, но треба да се преговара на соодветен начин. Треба да имаме поддршка од Бугарија за влез во ЕУ, а сите други прашања да останат во втор план и со текот на времето да испреговараме за тие теми. Ако од бугарска страна не сакаат да го прифатат тој начин, треба и ние да одговориме соодветно – дека и ние не сакаме да влеземе во ЕУ под овие услови. Бидејќи никој не ни гарантира дека ако влеземе во ЕУ, ќе опстанеме – пред сѐ Македонија како држава, дека ќе постои и понатаму македонскиот народ, односно нема да му биде оспоруван идентитетот! Треба да бидеме цврсти и одлучни во нашите ставови, без да ја навредуваме другата или третата страна. Можеби тие нѐ навредуваат, но ние треба да бидеме достоинствени и во одбрана на суверенитетот и интегритетот на оваа држава. Јас немам резервна татковина. Иако сум Турчин, Македонија е мојата татковина. Ние треба да бидеме европски ориентирани во однос на нашите потреби.
Билатералните односи на Македонија со Турција, од воспоставувањето на македонската независност, речиси секогаш биле на ниво на висока пријателска соработка и меѓусебна поддршка. Која е улогата на турската етничка заедница во Македонија во одржувањето на таквите односи со Турција?
– Билатералните односи меѓу Македонија и Турција се одлични. Откако станав министер за странски инвестиции во 1998 година, го водев тој дел за економија и трговија. Донесов многу странски инвестиции во Македонија и се зголеми обемот на трговската размена со Турција. Мора да нагласам дека во Турција постојано има одредена симпатија спрема Македонија. Многу Турци од Македонија иако си заминаа, се отселија во Турција, сѐ уште копнеат по оваа држава, по Македонија. Но тој копнеж не е во смисла да дојдат тука и да бараат тантиеми и некакви обврски од државата Македонија, туку едноставно ја доживуваат како братска држава и секогаш се подготвени да помагаат и навистина често помагаат. Турција беше меѓу првите земји што ја признаа независноста на Македонија, помагаше за време на ембаргото од Грција, инвестираше во Македонија. Во текот на моите три министерски мандати учествував во неколку големи инвестициски договори на Турција во Македонија, како доаѓањето на ТАВ, „Коч-холдинг“ и многу други фирми… Но ми се чини дека во последно време, во периодот на актуелнава влада, тие врски како да се намалуваат. Додека бев дел од Владата, до 2019 година, имавме многу средби и учествував на состаноци во Турција. Но оттогаш мислам дека стагнираат и се намалуваат и политичката и трговската соработка меѓу Македонија и Турција. Од 2019 година, фокусот на билатерална политичка и трговска соработка на Македонија како да се насочи на блискиот регион, односно со земјите со кои потпишавме соседски договори, а се запостави соработката со Турција. Одвреме-навреме има некакви билатерални средби и трговска соработка, но тоа е премалку во однос на претходните искуства и потенцијалите за унапредување на соработката на секое поле со земја како Турција, која има големо влијание во регионот и во НАТО, и која е подготвена да пренасочи средства да инвестира во Македонија. Барем стотина фирми од Турција се подготвени да инвестираат во Македонија, но тоа не се случува поради политиките на актуелната влада.
Постои ли опасност за претопување на турската заедница во Македонија во услови на биетничка (иако не и според Уставот) реалност?
– Па, веќе е тргнат тој процес на претопување на турската заедница. Огромен број Турци веќе се пишани како Албанци поради вработувањата. Огромен број Турци се иселени, но не во Турција, туку во европските земји. Се плашам дека претопувањето ќе се случи многу брзо. За жал, тоа се случува пред очите на сите македонски граѓани. Центар на случувањата во општеството треба да стане граѓанинот, без разлика на неговата етничка и верска припадност. Квалитетот треба да биде императив во кадровските решенија. Ако не се случи тоа, сѐ повеќе ќе назадуваме. Турската заедница во Македонија ќе назадува, но и другите заедници. Во еден миг, од неформална но функционална биетничка држава, Македонија и де јуре и де факто ќе стане таква. Ако веќе се менува Уставот, Македонија треба биде држава на сите граѓани, без додавки со проценти.
Велите дека од 2019 година не сте активно вклучени во политичките случувања во Македонија, а не сте веќе дел и од Демократската партија на Турците во Македонија. Повеќе сте посветени на универзитетската кариера, како редовен професор на Педагошкиот факултет при УКИМ. Навистина ли се тргате настрана од дејствувањето на политички активна личност?
– Да, од 2019 година не дејствувам во рамките и во име на Партијата за движење на Турците во Македонија, но продолжувам како политичка единка, како личност, за да покажам дека можам да се борам за мојата позиција, за позицијата на мојот народ, за позиција на сите граѓани на Македонија. Формално, сѐ уште сум дел од партијата, но не сум активен во нејзиното дејствување. Сакам да покажам дека можеме да се бориме и поинаку, освен во рамките на партиите. Нема да престанам додека не го искажам моето мислење. Ако не го искажам моето мислење, јас ќе бидам соучесник во криминалот што го прават некои елити. Јас нема да молчам, ќе го кажам мојот став. Огромен број Турци во Македонија, но и другите граѓани во државава имаат доверба во мене и затоа ќе продолжам да се борам за нивните права како самостоен политички субјект.