Од македонските претставници само Табаковски освои половина поен во петтото коло, додека другите ги загубија своите партии

ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Едно реми и четири порази, односно половина освоен поен од можни пет е епилогот на македонските претставници во петтото коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое се одржува во Врњачка Бања (Србија). По првата победа во претходното коло, Дино Табаковски (1.692, рангиран 447. на ова ЕП), во ова коло ремизира со ЖФМ од Германија, Луиса Башулина (2.127, 380.), што претставува успех со оглед на нејзиниот рејтинг. Загубија Антон Златков (2.174, 357.) од грчкиот ФМ Евангелос Патрелакис (2.378, 221.), Стојан Велкоски (1.868, 455.) од Гркот Петрос Рахманидис (2.278, 299.), ФМ Роберт Велески (2.106, 393.) од Србинот Јаков Симиќ (рангиран 484.), што претставува изненадување, и Давид Николовски (1.860, 458.) од германскиот ФМ Герхард Лоршед (2.140, 373.).
На шест кола до крајот, Златков е 310-ти со два поена (плус нови 12,8 р.п.), Велкоски е 413-ти со 1,5 поен (плус 46,8 р.п.), Табаковски е 419-ти со 1,5 поен (плус 40,4 р.п.), Велески е 457. со еден поен, додека Николовски е на 481-то место без освоен поен.
На врвот сам со четири поени изби Украинецот Антон Коробов (2.656, рангиран 18.), кој на првата табла го победи сонародникот и поранешен светски првак (ФИДЕ) од 2002-2004, Руслан Пономарјов (2.655, 19-ти). Половина поен помалку имаат уште четворица, Гркот Стаматис Коуркоулос (2.520), Азербејџанецот Етај Сафарли (2.608), Чехот Даи ван Нигуен (2.651) и Грузиецот Гига Купарадѕе (2.483). Со оглед на силната конкуренција, 484 шахисти, од кои 40 шахистки (126 ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави, македонските шахисти ќе имаат мошне тешка задача до крајот на ЕП, чиј просечен рејтинг е 2.310 поени. Г.И.


Селекторот Недев поднесе оставка

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, ВМ Трајко Недев, кому годинава му истекува двегодишниот мандат, но има можност да биде реизбран за уште две години, поднесе оставка.
– Имав поднесено барање до УО на ШФМ да им се доделат парични средства на актуелните надежни сениорски репрезентативци за настап на ова ЕП, но тоа барање мина без одлука. Едноставно не се ни гласаше. А барањето беше за да им се дадат навреме информации на младите репрезентативци со колку средства, 100 или 50 отсто, некоја друга сума, ќе ги поддржат за да можат навреме да се подготват и да се пријават на ЕП. Но немаше навремена одлука. Веќе поднесов оставка до претседателот на ШФМ, Саша Богдановиќ, кој не ја прифати пред да разговара со мене – вели Недев.