Бенфика досега оствари рекордна заработка од 72,6 милиони евра во ЛШ, но португалскиот рекорд и понатаму е во сопственост на Порто (73,7)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Фудбалерите на португалскиот клуб Бенфика тргнаа од квалификациите, а сега во голем стил стигнаа и до четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), откако во реваншот на свој терен го декласираа со 5-1 белгиски Бриж. Головите за Бенфика ги постигнаа Рафа Силва (38), Гонзало Рамош (45 и 57), Жоао Марио (71) од пенал и Бјорн Нерес (77), додека за гостите погоди Бјорн Мејер (87). И на првиот дуел на гости славеа Португалците (2-0), па задачата за конечен триумф им беше многу олеснета. Она што посебно ја издвојува сезонава Бенфика е фактот што стартуваше од третото коло во квалификациите за ЛШ, каде што го елиминира данскиот претставник Митјиланд, потоа и Динамо од Киев, за конечно натпреварувањето да го започне во групната фаза. Во тој дел, Бенфика и француски ПСЖ ја минаа својата група, односно беа пред италијанскиот претставник Јувентус и израелскиот Макаби од Хаифа.
Бенфика досега оствари рекордна сопствена заработка од 72,6 милиони евра во ЛШ. Ова е првпат „орлите“ да ја пробијат границата од 70 милиони евра во ЛШ, а нивната најголема досегашна заработка изнесуваше 65,4 милиони евра, која ја инкасираа минатата сезона. Секако, овде не е крајот на нивната финансиска заработка, оти во четврт-финалето им претстои нов двомеч. Сепак, кога се во прашање португалските клубови, рекордот и понатаму го држи Порто, кој остварил заработка во ЛШ од 73,7 милиони евра.
Бундеслигашот Борусија Дортмунд не успеа да го одбрани „минималецот“ од првиот меч против лондонски Челси, остварен на „Вестфален“ (1-0). Со поразот од 0-2 во Лондон, со головите на Рахим Стерлинг (43) и Каи Хаверц (53), Германците се збогуваа од ЛШ во осминафиналето, а Челси, пак, на овој начин го најави најголемиот триумф под водство на Грем Потер, кому менаџерската функција му беше мошне разнишана. За овој успех, Потер треба најмногу да му се заблагодари на Хаверц, кој од трагичар стана херој, откако прво погоди статива, па му беше поништен гол, за од повторениот обид од удар од 11 метри да го даде толку посакуваниот гол за конечен триумф. За Хаверц ова е само втор гол во деветтиот натпревар против Борусија Дортмунд. Г.И.


Осминафинале, двојки

Челси – Борусија Д. 2-0 (прв меч 0-1)
Бенфика – Бриж 5-1 (прв меч 2-0)
Вчера
Баерн – ПСЖ (прв меч 1-0)
Тотенхем – Милан (прв меч 0-1)

14 март
Манчестер С. – Лајпциг (прв меч 1-1)
Порто – Интер (прв меч 0-1)

15 март
Наполи – Ајнтрахт Ф. (прв меч 2-0)
Реал М. – Ливерпул (прв меч 5-2)