Македонија има голема ракометна традиција. Можеби моментално не е во најдобра форма, но знаеме дека секогаш е силна репрезентација, особено кога игра дома, изјави за тамошните медиуми десниот бек на Португалија, Диого Силва
РАКОМЕТ – ПРЕД УТРЕШНИОТ ДУЕЛ ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024, ГРУПА ЕДЕН
Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, по завршувањето на денешните мини-подготовки, утре во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.) во Скопје, ќе го одигра првиот натпревар против Португалија, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година (10-28 јануари) во Германија. В недела, пак, (18.30 ч.) на гости во Матосињос, близу Порто, Македонија ќе го одигра возвратниот дуел во групата еден. На ЕП 2024 пласман обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани селекции од осумте квалификациски групи.
Црвено-жолтите на овие два натпревара ќе настапат во ослабен состав, но оптимизмот и понатаму е присутен, со оглед што првиот меч го играат пред своите навивачи, од кои и очекуваат поддршка.
– Португалија е репрезентација што во своите редови има многу добри ракометари, кои играат брз, квалитетен и уигран ракомет. Тоа го покажаа и на претходните натпреварувања, на кои играа сѐ подобро. Нѐ очекува тежок натпревар, но наше е добро да се подготвиме и да се обидеме да ги изненадиме Португалците – вели репрезентативниот пикер Костадин Петров.
И Португалија, која досега настапила на седум европски првенства, а најдобриот пласман го остварила во 2020 година, кога била шеста (своите подготовки ги започна во понеделникот во својата база Хероис до Мар), исто така негува победнички амбиции пред дуелот во Скопје.
– Ова е уште една можност каде што ние мораме да ја покажеме нашата вредност, дека ја претставуваме нашата држава. Имаме многу јасна цел, а тоа е да победиме во двата меча и да бидеме први во групата. Сите сме уверени дека тоа е можно, дека имаме квалитет и едноставно само треба да работиме на таа цел. Македонија има голема ракометна традиција. Можеби моментално не е во најдобра форма, но знаеме дека секогаш е силна репрезентација, особено кога игра дома. Некои од нас веќе играле таму и знаеме дека секогаш е комплицирано, па затоа мораме да бидеме максимално подготвени и сигурно ќе извлечеме добар резултат – изјави за тамошните медиуми десниот бек на Португалија, Диого Силва (24).
Португалија во првиот меч од групата еден славеше над Турција, со 44-27, додека во вториот на гости го совлада Луксембург, со 32-21. Во репрезентацијата посебно се издвојува Виктор Итуриза, кој на првиот меч даде шест гола од седум обида (86 отсто), а на вториот пет од осум шута (62 отсто), потоа Диоро Бранкињо со постигнати шест гола од исто толку удари (100 отсто) и четири од седум (67 отсто). Тука е и Франциско Коста со шест гола од шест обида (100 отсто), Мартин Коста со четири гола од пет (80 отсто), а на вториот постигна четири од пет шута (80 отсто). Што се однесува до голманите, против Турција, Мигуел Еспиња имаше шест одбрани од 18 удари (33 отсто), додека против Луксембург исто така шест, но од 22 шута (27 отсто). На првиот дуел бранеше уште Мануел Гаспар 4/19 (21 отсто), а на вториот и Густаво Капдевил, кој имаше и најдобар ефект, 10/15 (66 отсто).
Како што е познато, претходно Македонија ги победи Луксембург дома со 38-24 и Турција на гости со 36-27, селекции што засега се без освоен бод. На табелата, Португалија и Македонија имаат по четири бода, но Португалците имаат дадено вкупно пет гола повеќе. Г.И.
Македонија – Португалија утре (19 ч.)
Луксембург – Турција денес (19 ч.)
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 4
Македонија 2 2 0 0 4
Луксембург 2 0 0 2 0
Турција 2 0 0 2 0