Ниту Украинците, ниту Русите не попуштаат во повеќемесечните жестоки битки за Бахмут, наспроти загубите на двете страни, при што ваквата определба се должи на иста стратешка цел – да се ослаби непријателот, што се смета оти би можело да донесе корист на други подрачја од широкиот фронт, според известувањето на „Њујорк тајмс“.
Непријателите се соочуваат лице в лице во „пеколот на Земјата“
Падот на одбраната на Бахмут се најавува со денови, но Украинците ги држат позициите со цел да ѝ нанесат што поголема штета на паравоената група „Вагнер“, чии припадници учествуваат во војувањето. А основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, како и неговите најблиски сојузници, сметаат дека главна цел на „оркестарот“ во Бахмут не претставува освојувањето на територија, туку ослабувањето на искусните украински единици, што би можело да влијае на борбите во други делови од фронтот долг над 900 километри.
– Украинските сили ги испраќаат сите нивни борбено способни единици во Бахмут. „Вагнер“ ги уништува, создавајќи оперативни можности во други области – кажа Пригожин кон крајот на јануари.
На диригентот на „Вагнеровиот оркестар“ не му се допаѓаат нотите од Кремљ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера истакна дека двајца претставници од воениот врв на Украина го советувале да нема повлекување од градот, дури и кога Бахмут е опколен во три правци од руските сили, при што двете страни трпат големи загуби. Одредени воени аналитичари исто така истакнаа дека Украина во Бахмут, исто така, има можност да ги ослаби руските сили, со што би имала корист на другите фронтови во војната.
– Руските сили во близина на Бахмут неодамна ја сменија тактиката и испраќаат поквалитетни специјални сили – соопшти Институтот за проучување на војната од Вашингтон, што се однесува на тврдењата на западните медиуми дека „Вагнер“ се почесто користи професионални кадри, наспроти поранешни затвореници.
Рускиот стисок врз Бахмут ја принуди Украина да ја преиспита стратегијата
Претставникот на Источната група на вооружените сили на Украина, Сергеј Черевати, даде краток коментар за позицијата на силите на „Вагнер“ во Бахмут.
– Ова е нивната последна прилика – нагласи Черевати.
Неговата изјава уследи откако дел од познавачите на состојбите на теренот се прашуваа дали Украина треба да троши бројни ресурси во жестоката битка за задржување на контролата над Бахмут.
Во источна Украина се водат најжестоките борби во војната, но се смета дека јужниот регион на Запорожје би можел да биде подеднакво ризичен, и покрај тоа што наликува мирно. Се смета дека токму во овој регион, во наредните недели, би можела да се случи долгонајавуваната украинска контраофанзива, според информациите од аналитичарите и властите во Киев.