Историски пораз на Манчестер јунајтед од Ливерпул

Поразот од 0-7 е највисокиот во историјата на „црвените ѓаволи“ во Премиер-лигата, рекорд еднаков на поразите од Блекбурн, Астон Вила и Вулверхемптон во 1926, 1928 и 1931 година

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Фудбалерите на Ливерпул го победија Манчестер јунајтед на својот стадион „Енфилд“ со неверојатни 7-0 (1-0) во 26-то коло од Премиер-лигата и со тоа му го нанесоа најтешкиот пораз на својот најголем ривал на дуелите на двата најтрофејни англиски клуба.
Ова е највисокиот пораз во историјата на „црвените ѓаволи“ во Премиер-лигата, рекорд еднаков на оние порази од Блекбурн, Астон Вила и Вулверхемптон во 1926, 1928 и 1931 година.
Домашните поведоа со голот на Коди Гакпо во финишот на првото полувреме, а потоа Холанѓанецот постигна уште еден гол, по два реализираа Мохамед Салах и Дарвин Нуњез, а конечниот резултат го постигна Роберто Фирмино во 88-та минута.
– Второто полувреме беше непрофесионално. Тоа не може да се случи и треба да разговараме за тоа. Станува збор за целиот тим, видов како 11 поединци ги загубија главите. Не се држевме до планот. Не е ова Манчестер јунајтед, ние имаме повисоки стандарди – разочарано изјави менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг.
Ова беше 240-ти меѓусебен дуел на екипите од северозападниот дел на Англија и првпат по 1895 година, кога резултатот беше 7-1, Ливерпул седум пати да ја погодат мрежата на „црвените ѓаволи“.
Во изминатите 240 натпревари меѓу овие два тима, Манчестер јунајтед победил 83 пати, Ливерпул триумфирал 71 пат, а 58 дуели завршиле нерешено. Откако Манчестер јунајтед пред неколку дена го освои Карабао-купот, овие два клуба се изедначени по бројот на трофеи (67).
На табелата во Премиер-лигата и понатаму води Арсенал со 63 бода, пред Манчестер сити со 58, Манчестер јунајтед е трет со 49 (и натпревар помалку), а Ливерпул е петти со 42 бода (и натпревар помалку). Г.И.