Неизвесен настапот на Ѓоковиќ во САД

ТЕНИС

Тениската асоцијација на Соединетите Американски Држави (УСТА) и САД опен се надеваат дека на светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ (35) и победник на 22 гранслем-турнири ќе му биде дозволено да игра на мастерс-турнирите во Индијан Велс и во Мајами месецов. Ѓоковиќ аплицираше за специјална дозвола оти не е вакциниран против ковид-19 – пишува Би-би-си.
САД бараат од меѓународните тенисери да се вакцинираат, а доказот ќе биде потребен најмалку до 10 април. Ѓоковиќ го пропушти минатогодишниот САД опен токму поради статусот на вакцинација. Индијан Велс и Мајами опен, два од најпрестижните турнири во тенискиот календар надвор од гранслем-турнирите, започнуваат на 6 март, односно на 20 март. Како што стојат моментно работите мали се шансите Ѓоковиќ да замине во САД, оти неговото барање претходно беше веќе одбиено. Ждрепката во Индијан Велс треба да се одржи денеска, а додека беше во Дубаи, Ѓоковиќ изјави: „Ако не ми дозволат, ќе се повлечам, се разбира, пред ждрепката“ – пишува Би-би-си. Г.И.