Академијата е почетна категорија, за да им даде на младите жени упориште на првото скалило на мотоспортот. „Знам колку е тешко да се стигне до Формула 1, да се биде конкурентен во Формула 1. Ќе потрае долго време, во тоа не се сомневам и добро сум свесна за предизвиците што претстојат. Свесна сум дека треба да го зголемиме фондот на таленти за најдобрите да се кренат и само тогаш ќе можеме да ја отвориме вратата во Ф1“, вели Сузи Волф, која ја води новата академија, која има цел да создаде патека за жените до врвот на овој спорт и која, меѓу другото, се тркаше во германскиот шампионат за туринг-автомобили ДТМ и стана тест-возач на Вилијамс во Формула 1

Сузи Волф сакаше да почне кариера надвор од мотоспортот сѐ додека претседателот на Формула 1 (Ф1), Стефано Доменикали, не ѝ пристапи за водење на новата академија, која има цел да создаде патека за жените до врвот на овој спорт. Волф помина кариера обидувајќи се да докаже дека жените се способни да се тркаат на највисокото ниво на мотоспортот и да помогне да се создадат начини да се овозможи тоа, пишува „Би-би-си“.
Таа верува дека новата серија може, како што вели, „да создаде место каде што младите девојки ќе можат да имаат патека по прифатлива цена“ за да го почнат своето патување кон врвот.
Преземањето на работата, вели Волф, беше премногу добра шанса да се пропушти. „На крајот“, вели таа, „тоа беше нешто што морав да го направам и навистина сакав да го направам“.

ФОРМУЛА 1 ЌЕ ФИНАНСИРА ПОЛОВИНА

Академијата е почетна категорија што почнува годинава за да им даде на младите жени упориште на првото скалило на мотоспортот, додека напредуваат од картингот.
Формула 1 ќе финансира половина од буџетот од речиси 300.000 фунти за секоја натпреварувачка, а остатокот возачите треба сами да го најдат, пишува „Би-би-си“.
– Тој скок од картинг, ако немате финансиски средства да го направите од вашата околина, е огромен, а јас го поминав тоа и беше неверојатно тешко. Ф1-академијата станува фокусна точка на она кон што се стремат девојките. И онаму каде што ги гледам можностите на првенството, тоа ќе им даде одредена платформа да се обидат и да напредуваат понатаму по скалилата, бидејќи ќе им даде видливост, ќе им даде поддршка во секоја област, да имаат самодоверба да продолжат да одат по скалилата. Ќе се погрижиме победникот да биде поддржан за да продолжи кон успехот. Нема да биде дека тие само победуваат и со тоа е завршена работата – рече Волф.
Волф, која се искачи низ скалилата за да се трка со мажи во германскиот шампионат за туринг-автомобили ДТМ и стана тест-возач на Вилијамс во Формула 1, нема илузии. Таа знае дека нема да има прекуноќ поправка на недостигот од застапеност на жените во Формула 1.
– Мораме да ги менаџираме очекувањата, бидејќи кога зборувате за внесување жена во Формула 1, знам колку е тешко да се стигне до Формула 1, да се биде конкурентен во Формула 1. Ќе потрае долго време, во тоа не се сомневам и свесна сум за предизвиците што претстојат. Но, исто така, мислам дека има многу Ф1-тимови кои бараат таленти, ако ја погледнете поддршката на Ферари за програмата на ФИА за ѕвезди во подем. Постои подготвеност меѓу тимовите да бараат таленти во иднина. Не се очекува да се отворат вратите за оние кои се таму, но не се доволно добри. Свесна сум дека треба да го зголемиме фондот на таленти за најдобрите да се кренат и само тогаш ќе можеме да ја отвориме вратата во Формула 1 – вели таа.
За Волф, еден од големите причински фактори зад недостигот од женска застапеност на врвот на мотоспортот е недостигот од застапеност на жените во Формула 1, а со тоа и малиот број примери кон кои девојките треба да гледаат.
– Станува збор за повеќе од тоа само 15 девојки да се тркаат. Овој спорт се смета за многу недостапен. Видов застрашувачки цитат дека ако ја погледнете серијата „Драјв ту срвајв“ (Drive to Survive), мислам дека во 1,8 отсто од времето на екранот има жена. Како треба една млада девојка, со осум години, а можеби и ја сака Формула 1, како може да се визуализира себеси како влегува во тој свет ако дури и не може да види учество или жени што работат во Формула 1? Тоа изгледа толку далеку за овие млади девојки. Тие ја гледаат серијата или трка во Формула 1, но толку е далеку за нив дури и да замислат да се вклучат во овој спорт. Можеме многу брзо да создадеме промени во кои тие ќе веруваат. Тие можат да помислат дека можеби има шанса. На краток рок може да имаме позитивно влијание затоа што ја имаме моќта на Формула 1 зад нас и глобалната мрежа на Формула 1. Промената, да се добие жена во овој спорт, ќе потрае многу подолго. Но, ако никој не направи ништо, ништо нема да се смени, само ќе треба многу подолго време за да се поместат нештата – вели Волф.

ВОЛФ: СТОЕВ НА ПОДИУМОТ СО ХАМИЛТОН

За серијата, која има цел да ја промовира идејата жените да тргнат на патеката кон Ф1, академијата формирана годинава има една очигледна мана, од седумте трки, само последната е на гран-при, во САД, во Остин, во октомври, пишува „Би-би-си“. Но, ова е ситуација што Волф, која беше назначена во минатата недела, ја наследи. Формула 1 вели дека бара да вклучат повеќе настани во распоредот на Формула 1 во иднина.
Календарот беше објавен во февруари, а трките ќе почнат во Австрија на 28 април. Серијата ќе ги користи истите болиди како оние што се користат во Формула 4, серија на почетни нивоа за возачи кои ги прават своите први чекори во автомобилските трки.
Во Формула 1 повеќето луѓе работат на претпоставката дека жените можат да се натпреваруваат против мажите на рамноправно поле за натпревар, пишува „Би-би-си“.
Волф укажува на сопственото искуство и она на поранешната светска рели возачка Мишел Мутон и ја отфрла идејата дека може да излезе еден ден, кога ќе се соберат повеќе податоци, дека можеби Формула 1 е средина каде што жените не можат да се натпреваруваат еднакво, како што е случај во многу спортови.
– Стоев на подиумот на Формула Рено со Луис Хамилтон кога имав 21 година. Се тркав против најдобрите. Никогаш не бев на нивото на Луис, но имав таков степен на успех. Се тркав во ДТМ. Ме ангажира еден од најдобрите производители на автомобили во светот. Влегов во Ф1 како тест-возачка. Значи, за мене е многу тешко врз основа на моите искуства, на пример завршувањето на 15-то место на светските првенства во картинг меѓу 137 тркачи, да кажам дека можеби треба да се одвои спортот. Трите спорта во кои жените се натпреваруваат со мажи се едрење, каде што има голем брод, јавање коњи и скокови со големо животно, и мотоспорт, каде што има автомобил. Ако ги погледнете машкиот и женскиот фудбал, тие не можат да се мешаат, бидејќи жените не можат да трчаат толку брзо како мажите. Во мотоспортот не се сведува само на мускулите. Да се биде поголем или помускулест во мотоспортот не е јасна предност. Возачите сакаат да бидат мали и компактни. Дефинитивно не е само до физичките карактеристики – рече Волф.
Со други зборови, дали достигнувањата на Волф и на Мутон докажуваат дека ако се прошири фондот на таленти, прашање на време е кога ќе се појави жена што ќе може да се натпреварува на највисоко ниво во Формула 1?
– Да. Дефинитивно – вели Волф, пренесува „Би-би-си“. Н.М.