Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ вечерва во 19 часот во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци ќе биде отворена изложба на уметнички фотографии под наслов „Припитомување на крикот“. Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи кој негува специфичен уметнички стил и силен авторски печат. Засега е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското престижно специјализирано списание за фотографии „Нешнал џиографик“.
На вечерашната изложба ќе бидат презентирани уметнички фотографии реализирани на театарскиот фестивал „Млад отворен театар“ во Скопје. За изложбата познатиот македонски писател Венко Андоновски ќе напише:….На оваа изложба за свој објект Љупчо го одбира театарот, уметност која еднаш веќе го сегментирала и „просеала“ светот низ своето око. Со самото тоа, неговите фтографии стануваат двојна фокализација, двојна леќа низ која се гледа светот, станува чиста есенција на стварноста, како двојно печена ракија – препеченица. И веќе тој факт на овие фотографии им гарантира една посебна уметничка бесмртност, необичност: тие се она што се вика семантичка бездна, односно мизенабим. Нацртајте куќа, па во неа нацртајте помала, па во неа нацртајте уште помала- ете ви мизенабим, еротска бездна на огледалните знаци. Тоа е огледување на малото во големото, на театарот во фотографијата, а самиот театар е пак огледување на светот….“
Љупчо Илиевски припаѓа на средната генерација фотографи. Роден е во Прилеп 1955. Со фотографија се занимава од 1080 година, за во еден период да работи како соработник во ТАНЈУГ (Телеграфска Агенција Нова Југославија) која беше најголемата и највлијателна државна агенција на бившите ју-простори. Од 1987 работи во МТВ како камерман-снимател.