Санстефанскиот идеал е извор на вековниот големобугарски националистички занес. Таа фикција го однесе бугарскиот народ во низа експанзионистички војни и неколку национални катастрофи. Таа е причина за страдања на милиони луѓе не само во Бугарија туку и на целиот Балкан. Таа, во крајна линија, е праизворот на бугарскиот фашизам во средината на минатиот век. Таа „санстефанска фикција“, за жал, и денес го детерминира односот кон Македонија, вели историчарот Александар Литовски

ПОВОД: 145 ГОДИНИ ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА САНСТЕФАНСКИОТ ДОГОВОР, АНАХРОНА ГОЛЕМОДРЖАВНА ПАТОЛОГИЈА ОД МИНАТИТЕ ВЕКОВИ

Бугарското општество секоја година на 3 март го прославува националниот празник Денот на ослободувањето на Бугарија од османлиската власт, односно потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор од 1878 година. Универзитетските професори и историчари нагласуваат дека „станува збор за контроверзен бугарски национален празник, затоа што со Санстефанскиот договор беа исцртани идеолошки постулати на бугарскиот екстремен национализам, шовинизам и иредентизам, кои особено се манифестираат преку непризнавањето на македонските национални особености, како и во постојаните испади на одредени бугарски политичари и општественици кога ја именуваат Македонија како бугарска земја или Македонците како Бугари“. За оваа проблематика, проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека станува збор за националистичка патологија, која произлегува од вековна национална траума, и дека во иднина не треба да се очекува дека ќе биде напуштена така лесно и заменета со политика на разбирање со соседите.

Зошто воопшто се прославува во бугарското општество?!

Денот на ослободувањето на Бугарија од османлиската власт се слави од 1888 година, со исклучок на неколкуте години по забраната на бугарските комунистички власти во 1946 година, поради поврзаноста со бугарскиот шовинизам. Но бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков во почетокот на 60-тите години на 20 век повторно го оживува бугарскиот национализам, видливо во неговата политика кон македонскиот народ. Па, оттука, во 1978 година, по повод стогодишнината од Санстефанскиот договор, повторно се слави денот. По падот на комунистичката идеологија во 1989 година, беше променет бугарскиот закон за работни односи и 3 март повторно беше прогласен за официјален празник, станувајќи државен празник на Република Бугарија.
Но што се одбележува на 3 март? Универзитетските професори и историчарите посочуваат дека на овој датум во 1878 година бил потпишан Санстефанскиот мировен договор со кој било предвидено создавање бугарско автономно и вазално кнежевство, но со христијанска влада и сопствени вооружени сили. Овој руски политички проект, познат како Санстефанска Бугарија, требало да ги опфаќа териториите од реката Дунав, по должината новосоздадената српска граница и по западната граница, преку Врање, до Скопска Црна Гора. Оттаму границата преминувала по западните граници на Куманово, Кочани, до Кораб Планина. Потоа, границата требало се спушта на југ по Црн Дрим и потоа по западната граница на Охрид, Старово и Корча, до планината Грамос. Понатаму, границата тргнува на исток преку Костурско Езеро, стигнува до реката Магленица и се спушта до Солунскиот Залив. На овој начин најголемиот дел од територијата на Македонија требало да влезе во рамките на предвидената бугарска држава.
Експертите посочуваат дека и покрај тоа што Санстефанска Бугарија останала само на хартија, таа е основата околу која се формира бугарскиот екстремен национализам, шовинизам и иредентизам. Не случајно, еден дел од денешната бугарска политичко-општествена елита сѐ уште мечтае за санстефанските граници, односно за Бугарија од Црно Море до Охрид, како што изјави бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Андреј Ковачев.

Неспорен факт од оваа историска дистанца е дека „трети март е хегемонистички, недемократски, фикција и национална патологија“

Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека Руско-турската војна од 1877-1878 година завршила со прелиминарниот Санстефански договор на 3 март 1878 година. Како проект на царска Русија, со договорот била замислена таканаречената Санстефанска Бугарија како држава под патронат на рускиот цар. Всушност, според Литовски, преку таквата „голема Бугарија“, Русија настојувала да стигне до „топлите мориња“.
– Руската проекција, всушност, се претвори во бугарска големодржавна фикција. Таа е извор на вековниот големобугарски националистички занес. Таа фикција го однесе бугарскиот народ во низа експанзионистички војни и неколку национални катастрофи. Таа е причина за страдања на милиони луѓе не само во Бугарија туку и на целиот Балкан. Таа, во крајна линија, е праизворот на бугарскиот фашизам во средината на минатиот век. Таа „санстефанска фикција“, за жал, и денес го детерминира односот кон Македонија.- вели Александар Литовски
Според Литовски, оваа националшовинистичка и големодржавна фикција на бугарските економско-политички елити никогаш не завршила добро за никого, а нема да заврши добро ниту во иднина. Сепак, како што посочи професорот од Институтот за национална историја, бидејќи станува збор за националистичка патологија произлезена од долговековна национална траума, не треба да се очекува дека во иднина „доброволно“ ќе биде напуштена и заменета со политика на разбирање и соработка со соседите.
– Напротив, сосема е извесно дека „санстефанската фикција“ и во иднина ќе предизвикува омраза, недоразбирање, конфликти и, многу веројатно, нови човечки страдања – заклучува Александар Литовски.