Фото: Игор Бансколиев

Универзитетски професори, историчари, меѓународноправни експерти и дипломати забележуваат дека повеќе од очигледно е дека има добра координација на релацијата Приштина – Скопје – Тирана и дека ништо не е случајно ниту кажано ниту направено, туку зад сè, за жал, се препознава големоалбанската кауза, која тука, на Балканот, не признава државни граници поинакви од оние што се утврдени во 1913 година и делумно реализирани за време на Втората светска војна. Апсурдно е, по малку разочарано тврдат некои од соговорниците, што во време кога албанскиот политички блок речиси целосно ја раководи Македонија, истовремено ја користи сопствената држава како монета за поткусурување во решавањето туѓ регионален проблем што треба да го решаваат исклучиво Белград и Приштина, со помош на Брисел и Вашингтон

ТЕМПИРАНИ ПОВИЦИ ЗА ФОРМИРАЊЕ „ЗАЕДНИЦА НА АЛБАНСКИ ОПШТИНИ“ ВО МАКЕДОНИЈА

Не стивнуваат реакциите кај македонската јавност, но и во соседството, по последното барање на сега опозициската партија Алтернатива да се формира заедница на албански општини во Македонија по урнекот на Заедницата на српски општини во Косово, што инаку е главна обврска на Косово во согласност со Бриселскиот договор постигнат уште пред десет години меѓу Приштина и Белград, со посредство на Европската Унија и САД.
Сиве овие години Косово свесно ја избегнуваше оваа обврска и не дозволи формирање заедница на српски општини, надевајќи се дека меѓународната заедница ќе понуди поинакво решение, што, од друга страна, беше јасен сигнал за официјален Белград дека косовската страна сака да ретерира од она што го прифатила пред една деценија и да издејствува договор исклучиво по своја мера, без да први некакви отстапки за кои смета дека се на нејзина штета.
Сепак, неодамнешниот нов француско-германски предлог донесе пресврт што малкумина во Приштина го очекуваа. Имено, официјален Белград прв стави до знаење дека овој договор е прифатлив за Србија, така што Приштина беше ставена во позиција да мора да го прифати за да не ги налути меѓународните партнери, пред сè САД, кои како да почнаа да го губат трпението со косовскиот премиер Албин Курти.
Од тој момент повторно се активира косовско-македонската врска, односно ја уфрлаат Македонија, и таа почнува да се користи како алатка за решавање туѓ спор.

Добро координирана акција за вмешување на Македонија во туѓ проблем

Прв што го вклучи копчето за дејствување на албанскиот политички фактор во Македонија е советникот на косовскиот премиер Албин Курти, Елвис Хоџа, кој даде инструкција како да се настапува, така што на Фејсбук напиша дека ако меѓународниот фактор во рамките на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија инсистира на формирање заедница на српските општини (ЗСО) во Косово, тогаш тоа ќе поттикне слични барања и кај други заедници во регионот, најпрво во Македонија.
– За последиците треба да размислат тие што предлагаат таква заедница. Затоа што 700 илјади Албанци во Македонија се 14 пати повеќе од Србите во Косово – напиша Хоџа.
По ова следуваше експресна реакција од новиот владин партнер Арбен Таравари, првиот човек на Алијанса на Албанците, кој ја предложи истата работа, само поинаку спакувана.
– Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во еден маѓепсан круг од кој нема да можеме да излеземе – изјави неодамна Таравари, правдајќи се подоцна дека не бил добро разбран.
Шлагот на тортата дојде од доскорашниот владин партнер Алтернатива, од каде што со доза на иронија и сарказам ги коментираат заложбите на меѓународната заедница Косово да ги испочитува обврските од Бриселскиот договор, пред сè воспоставување заедница на српски општини во Косово, како услов за нормализирање на односите меѓу двете земји.
– Тие што го бараат тоа од Косово се наши западни сојузници, излегува дека таа заедница е во духот на западните вредности. Да направиме и ние во Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се обединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денеска заедницата на албанските општини во Македонија – се наведува во соопштението на Алтернатива.
Повеќе универзитетски професори, историчари, меѓународноправни експерти и дипломати забележуваат дека повеќе од очигледно е дека има добра координација на релацијата Приштина – Скопје – Тирана и дека ништо не е случајно ниту кажано ниту направено, туку зад сè, за жал, се препознава големоалбанската кауза, која тука, на Балканот, не признава државни граници поинакви од оние утврдени во 1913 година и делумно реализирани за време на Втората светска војна.

Кога мечката игра во соседниот двор, ќе заигра и во нашиот

Апсурдно е, по малку разочарано тврдат некои од соговорниците, што во време кога албанскиот политички блок речиси целосно ја раководи Македонија, истовремено ја користи сопствената држава како монета за поткусурување во решавањето туѓ регионален проблем што треба да го решаваат исклучиво Белград и Приштина, со помош на Брисел и Вашингтон. Токму затоа и пораките што некои албански политичари ги испраќаат од Македонија околу потребата од формирање заедница на албански општини во земјава се со цел да се изврши притисок врз меѓународната заедница да се откаже од притисокот врз Приштина за формирање заедница на српски општини. Од друга страна, целата ситуација будно ја следи и официјална Софија, која сигурно нема да седи со скрстени раце ако дојде до реализација на ваквата идеја и затоа барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав не е нималку наивно, како што некој сака да го прикаже.
– Нашиве заблудени политичари никако да сфатат дека историјата ни се повторува, само сега малку поинаку спакувана. Албанците и Бугарите работат заедно на разнебитување на Македонија, и тоа токму во границите како што била поделена за време на Втората светска војна – смета историчарот Тодор Чепреганов.
Изјавите на министерот за економија Крешник Бектеши во Тирана дека тој не е македонски министер, лобирањето на шефот на дипломатијата Бујар Османи за признавање на Косово, зачестените „седенки“ на лидерите на албанските политички партии од земјава во Тирана јасно покажуваат што е нивен приоритет, а тој приоритет никако не се вика Македонија.
Во време кога државата се соочува со отворен фронтален напад од соседна Бугарија, користењето на сопствената држава како алатка за решавање на проблемите во некои туѓи дворови може да донесе проблеми и во сопствениот двор. Клучното прашање е дали некој намерно го посакува тоа.