Возачите се слободни да кажат што сакаат секаде, освен за време на настаните пред и по трката и на патеката

ФОРМУЛА 1

Се чини дека управното тело на Формула 1 отстапи од правилото воведено годинава со кое се забранува слободата на говор за возачите за клучни прашања, пишува „Би-би-си“. Правилото забрани „политички, верски и лични изјави“ без претходна согласност и не изрази ограничувања во поглед на тоа каде се применува тоа ограничување. Но „упатство“ издадено неодамна поставува ограничувања на неговата примена. Тоа значи дека возачите се слободни да кажат што сакаат секаде, освен за време на настаните пред и по трката и на патеката. Упатството вели дека возачите „може да ги изразат своите ставови за која било политичка, верска или лична работа пред, за време и по трката во својот простор и надвор од опсегот на меѓународното натпреварување“, објави „Би-би-си“.
Во него се додава дека им е експлицитно дозволено тоа да го прават „преку сопствените социјални медиуми, за време на интервјуа со акредитирани медиуми и за време на прес-конференцијата на ФИА, само како одговор на директни прашања од новинарите“. Документот вели и дека во „исклучителни“ околности ФИА „може да овласти учесник да даде изјава на меѓународен натпревар што инаку би било забрането“, со барање поднесено четири недели пред настанот.
Голем број возачи, вклучувајќи ги Луис Хамилтон, Макс Ферстапен, Џорџ Расел и Ландо Норис, ја изразија својата загриженост за правилото, откако тоа се појави, и тоа дека нивното право да го изразат своето мислење е воопшто ограничено и оти правилото не содржи експлицитни ограничувања за тоа каде се применува.
Г.И.