Познатите поплочени улици во Париз сега стануваат централен дел на новиот изглед на ЛОИ 2024, пишува ИОК. Тие се карактеристика на францускиот урбан живот, а сега Париз 2024 го зеде овој симбол и го направи составен дел од новиот изглед, претставувајќи го материјалното и нематеријалното наследство на Франција
Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година го открија визуелниот идентитет и пиктографите (вињетите) за Игрите. Визуелниот идентитет на овие ЛОИ ги отелотворува француската елеганција, смелата нова естетика и богатата симболика на улиците со калдрма, кои се наоѓаат во урбаните пејзажи на Франција, новиот изглед оживува во боја, со сина, црвена, зелена и виолетова што ги претставуваат богатството и различноста на Франција, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Дополнително, создадени се 62 пиктографи, со секој од нив како „значка на честа“, која е не само ознака на спортската дисциплина туку и семејство, чувство на гордост, збир на вредности и заедница.
Сржта на визуелниот концепт ЛОИ 2024 е амбицијата да се поканат луѓето да го слават спортот, шансата да се развие спортот и можноста да се прикаже што ги прави Париз и Игрите толку извонредни. Познатите поплочени улици во Париз сега стануваат централен дел на новиот изглед на ЛОИ 2024, пишува ИОК. Камењата за поплочување се карактеристика на францускиот урбан живот и биле видени во Париз од средниот век наваму, а станале уште пошироко распространети со појавата на сообраќајните системи во 19 век. Сега Париз 2024 го зеде овој симбол и го направи составен дел од новиот изглед, претставувајќи го материјалното и нематеријалното наследство на Франција.
– Игрите се за цела Франција, а низ целата земја можете да видите поплочени градски улици. Игрите ќе ги има на секој од тие поплочени делови, без разлика дали сте град домаќин или славите додека ги носите боите на изгледот на ЛОИ – рече главната директорка за бренд на ЛОИ 2024, Жули Матикин.
Секој „камен“ е украсен со еден од трите различни типа симболи: слики од спорт, симболични места или прослава на францускиот начин на живот, пишува ИОК. Боите ги претставуваат различноста и духот на слоганот Париз 2024: Игри широко отворени. Здружувајќи ги луѓето преку спортот, новиот изглед е прослава на Олимписките игри, најголемиот спортски настан во светот. Пренесувајќи го спортот во градот со стил, изгледот на Париз 2024 е бескомпромисно елегантен, како одраз на позицијата на Париз како главен град на модата и Град на Светлината, а изгледот беше инспириран од креативниот француски дух, како и од движењето арт деко, кое беше во мода кога Париз претходен пат беше домаќин на ЛОИ, во 1924 година, пишува ИОК. Н.М.