Изнесените ставови на бугарскиот претседател во грчки весник, за непочитување на основните човекови права во Македонија, предизвикаа лавина реакции кај меѓународните правни експерти за прашањата за човековите и малцински права и, воопшто, за почитувањето на меѓународното право од страна на Бугарија и Грција. Тие, подвлекувајќи ја позицијата на бугарската држава (вклучувајќи ја и грчката) во однос на признавањето и почитувањето на правата на малцинствата во нивниот правен поредок, се фрапирани од смелоста на искажаните инсинуации на Радев и извртувањето на фактичката состојба во однос на човековите и малцински права. Според нив, срамно е за ЕУ Радев да води „европска“ јавна кампања во стилот „слушај ме што кажувам и не гледај што правам“!? Експертите се децидни (и дека Брисел е многу свесен) дека воопшто не постои паралела Радев да споредува Копенхашки критериуми и заштита на човекови права во Македонија, кога Бугарија флагрантно го оспорува правото на самоидентификација, на образование на мајчин јазик, на здружување на своите граѓани, кои декларираат поинаков етнички идентитет од бугарскиот

Клеветничката кампања на бугарскиот претседател низ Европа за нас продолжува преку грчки медиуми

По серијата национал-шовинистички провокации од бугарската политичка сцена на територијата на Македонија, бугарскиот претседател Румен Радев го засилува интензитетот на својата кампања надвор од границите на Бугарија. Во состав на неговата кампања низ центрите на ЕУ и институциите во Брисел, тој и преку медиумите со различни медиумски форми (интервјуа, изјави) прави пресинг, со клевети и извртување на фактите за македонското прашање и актуелниот спор меѓу Софија и Скопје.

Радев со интервју во грчки „Катимерини“
шири невистини за непочитувањето на
правата на малцинствата во Македонија

Така, Радев, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ вели дека Македонија мора да се заложи за гарантирање и заштита на основните човекови права бидејќи тоа само по себе било суштински дел од Копенхашките критериуми. Тој во интервјуто за грчкиот весник нагласува дека и Бугарија и Македонија се согласиле со предлогот на француското претседателство со Европскиот совет, кој предвидува преговарачка рамка за Македонија. Тоа, според Радев, подразбира уставни измени и изедначување на Бугарите со другите етнички заедници,
– Сите ние очекуваме од земја-кандидатка, која ја изразила својата желба да биде дел од Унијата и нејзините вредности, да се посвети себеси на гарантирање и заштитување на основните човекови права. Ова само по себе е основен дел од Копенхашките критериуми. За да ги почне пристапните преговори, РСМ се согласи да го измени Уставот и да ги вклучи Бугарите на исто рамниште како другите народи што живеат во таа земја… – вели Радев за „Катимерини“.
Изнесените ставови на бугарскиот претседател во грчки весник, за непочитување на основните човекови права во Македонија, предизвикаа лавина реакции кај меѓународните правни експерти за прашањата за човековите и малцински права и, воопшто, за почитувањето на меѓународното право од страна на Бугарија и Грција. Тие, подвлекувајќи ја позицијата на бугарската држава (вклучувајќи ја и грчката) во однос на признавањето и почитувањето на правата на малцинствата во нивниот правен поредок, се фрапирани од смелоста на искажаните инсинуации на Радев и извртувањето на фактичката состојба во однос на човековите и малцински права. Според нив, срамно е за ЕУ Радев да води „европска“ јавна кампања во стилот „слушај ме што кажувам и не гледај што правам“!? Експертите се децидни (и дека Брисел е многу свесен) дека воопшто не постои паралела Радев да споредува Копенхашки критериуми и заштита на човекови права во Македонија, кога Бугарија флагрантно го оспорува право на самоидентификација, на образование на мајчин јазик, на здружување на своите граѓани, кои декларираат поинаков етнички идентитет од бугарскиот?

Прашања што Комитетот на министри на СЕ му ги одговори на Радев, но треба и наша засилена кампања

Може ли Радев воопшто да зборува за Копенхашки критериуми и за заштита на човекови права кога Бугарија го оспорува правото на самоидентификација, на образование на мајчин јазик, на здружување на своите граѓани што декларираат поинаков етнички идентитет од бугарскиот? Може ли бугарскиот претседател да се повика дека во неговата земја генерално се признава постоењето на малцинства, без да се оправдува со нивниот устав, кој, наводно, бил граѓански, а во суштина е целосно дискриминаторски кон луѓето со поинаква етничка припадност? Може ли да зборува за човекови права кога неговата земја одбива да спроведе 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права? За какви Копенхашки критериуми зборува човекот што отворено повика на уништување на македонизмот?До каде оди лицемерството на Радев, но и на Европа, која го толерира ова? Има ли воопшто Радев образ да зборува за човекови права?
– Што се однесува до почитувањето на правата на малцинствата во Македонија, па и она на тие со бугарска самосвест, одговор на Радев неодамна му даде Комитетот на министри од Советот на Европа, кој ги одби сите амандмани на Бугарија за извештајот за Македонија, каде што бараше нотирање за нарушени и загрозени права на Бугарите во земјава. Радев едноставно шири невистини за непочитувањето на правата на малцинствата во Македонија, и тоа во грчки медиум, што наведува дека Грција му е партнер во ширењето таква невистинита пропаганда за Македонија. Впрочем, Бугарија и Грција, иако се членки на ЕУ, имаат ист однос на непризнавање на малцинствата во своите устави, со што флагрантно ги кршат основните човекови права, како базични вредности на Европската Унија – вели адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП во Стразбур.
Историчарот Александар Литовски смета дека македонската дипломатија, односно МНР, треба поактивно да реагира на ширењето невистини за Македонија од странски политичари на јавна сцена.
– Како и досега, како и голем број бугарски политичари претходно, бугарскиот претседател Румен Радев настапува од позиција на уценување на Македонија со европски вредности, кои самата Бугарија не ги почитува и не ги спроведува. Иронијата на уцената е во тоа што за разлика од бугарскиот устав, во македонскиот се на повисок степен загарантирани правата на малцинствата, а и во практика се спроведуваат. На ваквите изнесени невистини треба соодветно и активно да реагира македонската дипломатија, односно МНР, да ги искаже вистинските состојби по ова прашање и пред институциите на ЕУ, но и пред европската јавност – вели историчарот Александар Литовски.
Пратеникот и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, во однос на повикот на Радев за почитување на Копенхашките критериуми, оценува дека е лицемерно за тоа да се обвинува Македонија, за која очигледно исполнувањето на тие критериуми не е доволно да ги започне целосно преговорите со ЕУ.
– Во суштина, секој има право да дава изјави, каде што има можност, па така и бугарскиот претседател Радев. Проблемот е во вистинитоста на содржината на таквите изјави. Повикувањето на одговорност на Македонија за неисполнување на Копенхашките критериуми е особено лицемерно, зашто очигледно е дека ако тие беа доволни за евроинтеграција на сите досегашни земји-членки, за Македонија – не важат. Македонија одамна ги има исполнето тие критериуми, за што има добиено многу позитивни извештаи на Европската комисија, особено во делот за почитување на човековите права и во делот на правата на малцинствата. Едноставно, изјавите на Радев не соодветствуваат на вистината, во однос на третманот на малцинствата во Македонија, а ниту во Бугарија – вели Иван Стоилковиќ.