Меѓународноправните експерти во низа разговори подвлекуваат дека „настапот на Софија е на стероиди“, токму по нејзиното зачленување во ЕУ. Од позиција на сила, практикувајќи уцени и ултиматуми, затскривајќи се под чадорот на Брисел, официјална Софија токму сега почувствува (поддржана од ЕУ, вклучувајќи и некои од членките на Унијата поединечно) дека со користење на европските инструменти на консензуалност и вето на мала врата го протнува својот санстефански идеал

Санстефански идеал затскриен зад проектот на Софија за поддршка на бугарските заедници надвор од границите на Бугарија

Секоја држава има право да ги негува сопствените национални особености и култура, како и духовниот и интелектуалниот живот на делот од нацијата што живее надвор од државните граници. Апсолутно и неоспорно право има и Бугарија, која има емиграција и во Европа и пошироко во светот. Но експертите, универзитетските професори и историчарите нагласуваат дека начинот на кој Софија настапува по однос на тоа прашање е во спротивност со Основната декларација за човекови права на ООН, а непризнавањето на јурисдикцијата на Европскиот Суд за човекови права од страна на Бугарија е неприфатливо при спроведување на меѓународното право.
Меѓународноправните експерти подвлекуваат дека „настапот на Софија е на стероиди“, токму по нејзиното зачленување во ЕУ. Од позиција на сила, практикувајќи уцени и ултиматуми, затскривајќи се под чадорот на Брисел, официјална Софија токму сега почувствува (поддржана од ЕУ, вклучувајќи и некои од членките на Унијата поединечно) дека со користење на инструментите на консензуалност и вето на мала врата го протнува својот санстефански идеал. Некои радикални бугарски политичари, за Македонија а и за соседството, дури се толку осилени, што застапуваат и отворено националистички и шовинистички концепт за – голема Бугарија?!

Историска аргументација на амбициите на Софија за Сан Стефано

Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека Бугарија уште од крајот на 19 век сонувајќи за големодржавната фикција исцртана во Сан Стефано започнала меѓународно да се „пазари“ за своја територијална експанзија во Македонија, најнапред преку балканскиот сојуз со Србија, Грција и со Црна Гора. Од тој меѓународен пазар за територии произлегла Првата балканска војна во 1912 година, со која владенијата на Османлиското Царство на македонска територија биле поделени од сојузниците. Бугарија, сакајќи да заграби што поголем дел од Македонија, влетала во Втората балканска војна и била катастрофално поразена. Македонија од големодржавен сон се претворила во кошмар за бугарската политика и царскиот дворец, нагласува Литовски.
– Несреќата со фиксацијата Сан Стефано да биде зголемена до катастрофални размери придонела за бугарското влегување во сојуз со Германија и Австро-Унгарија за време на Првата светска војна. Воената пропаст на Централните сили и на Бугарија довело до Версајските мировни договори во 1919 година, со кои Бугарија загубила територии и требало да плаќа големи репарации. Загубиле и Македонците, кои водени од македонските агенти на бугарскиот царски двор скоро целосно се ставиле на губитничката страна – вели проф. д-р Александар Литовски

На големодржавното мени на Софија се и Косово и Албанија

Нашите соговорници анализираат дека токму во санстефанскиот контекст треба да се опсервира актуелната засилена бугарска опсесија и меѓународна пресија за признавање на бугарските малцинства во регионов, односно (покрај во Македонија) тоа да се направи и во Албанија и во Косово. Во суштина, бугарската државна политика за својот проект „Промоција и поддршка на бугарските заедници во регионот“ претендира токму со тие хегемонистички рецидиви, сега рециклирани со толерантност на Унијата, да прикаже што поголем број освестени Бугари во регионов, за остварување на своите историски тежнеења.
Последен пример е посетата на Косово од страна на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, по повод 15-годишнината од независноста на Косово. Според информациите, Илијана Јотова за време на посетата разговарала и со претставниците на т.н. бугарска заедница, кои „чекаат признавање на бугарското национално малцинство во Република Косово“. Ова барање првпат беше упатено во мај 2018 година од „Обединети Бугари на Косово“, а на почетокот на оваа година предлогот повторно беше доставен до косовскиот парламент. Според Бугарија, бугарската заедница во Косово има околу 15 илјади луѓе, кои живеат во општините Драгаш, Призрен, Ораховац и Штрпце. Но овие тврдења немаат историска подлога и, според нашите соговорници историчари, тие тенденции повторно се насочени кон „претставување на Македонците од исламска вероисповед што живеат во Косово како Бугари“, односно кон нивна денационализација и асимилација.

Никола Ѓурѓај: Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ!

За овие активности, Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, истакнува дека Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, Република Албанија, и во Република Косово, обидувајќи се да ги претстави како „Бугари“. Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ! Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугари ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење бугарски пасоши, со стипендии за студирање на младите Македонци, вели Ѓурѓај.
– Цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Бидејќи сето ова го работи една земја членка на Европската Унија пред очите на сите европски држави, македонскиот народ бара помош од албанската влада и од косовската влада. Македонците во Република Албанија никогаш не биле, ниту своеволно би биле „Бугари“ – нагласува Никола Ѓурѓај од македонското друштво „Илинден“ – Тирана.