Фото: Архива

Само неколку недели по почнувањето на руско-украинскиот судир, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, доби продолжување на неговиот мандат. Поточно, тој беше назначен да го води „координираниот одговор на Европа“ за новонастанатиот судир. Сепак, тоа едногодишно продолжување на мандатот ќе истече есенва, а во Брисел има сѐ повеќе имиња што се појавуваат во потесниот и поширокиот круг за избор за генерален секретар на НАТО

АНАЛИЗА: ВО ПРЕСРЕТ НА ИЗБОРОТ НА НОВ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА НАТО

Пред една година Јенс Столтенберг се подготвуваше да започне со завршување на својот мандат како генерален секретар на НАТО и да се врати во Норвешка за да стане гувернер на нејзината централна банка, окупирајќи се со одредување каматни стапки и управување со огромното богатство на земјата богата со енергија. Тој беше „најдобриот човек за таа работа“, рече норвешкиот министер за финансии на почетокот на февруари минатата година. Само неколку недели подоцна, со почнувањето на руско-украинската војна, Столтенберг доби продолжување на неговиот мандат, поточно беше назначен на чело на координираниот одговор на Европа за новонастанатиот судир.
Тоа едногодишно продолжување, сепак, ќе истече есенва, а во Брисел има сѐ повеќе имиња што се појавуваат во потесниот и поширокиот круг за избор.

Германија и Франција нема да изнесат свои кандидати

Според пишувањето на „Форин полиси“, изборот „се случува преку консултации меѓу моќните нации“. Всушност, одлуките на НАТО се засноваат на консензус, но првите четири држави – САД, Германија, Франција и Обединетото Кралство – имаат огромно влијание.
САД обично се воздржуваат од трката за политичко лидерство на НАТО, бидејќи традиционално држат една од главните воени позиции во Алијансата – врховниот командант на Европа, што традиционално е американски генерал. Германија и Франција веројатно нема да ги истакнат своите кандидати оваа година, бидејќи и двете се обидоа дипломатски да го решат украинскиот конфликт. Оттогаш тие се обидоа да играат чин на балансирање дури и додека испраќаа хуманитарна и одбранбена помош во Украина. И за Германија се смета дека позицијата генерален секретар на НАТО не ѝ е привлечна, бидејќи нејзиниот став кон Украина е „веќе контроверзен“.
Овој пат живо заинтересирано за таа позиција е Обединетото Кралство, кое сака да има моќ во Европа по брегзит. Повторно се заинтересирани и Скандинавците, но веројатно им помина редот со Столтенберг и неговиот непосреден претходник, а Италија и источноевропските земји во трката за генерален секретар потсетуваат на своето географско значење и значењето во овој миг.
Некои експерти тврдат дека лидерот од една балтичка земја како генерален секретар би ѝ испратил јасен сигнал на Москва дека НАТО ќе се собере зад регионот со сета своја сила доколку Кремљ ги насочи руските ракети во таа насока. Но тука постои една задршка, бидејќи кандидат од прибалтичките држави би бил премногу воинствено насочен кон Москва за да може да почувствува кога е добар момент да се склучи мир со Москва и да стивне конфликтот.
Други експерти, пак, тврдат дека географската оддалеченост може да биде дипломатска предност и да укаже на далечната Канада дека би било добро да има свој кандидат. Трети, пак, тврдат дека лидерот треба да биде од Европската Унија, која има 21 членка од 30-те на НАТО. Италија, гранична држава на фронтот на Медитеранот и често прва точка на влез за имигрантите од посиромашните нации, се смета за особено легитимен кандидат.

Конкретно кои имиња и кандидати се споменуваат во комбинација за
генерален секретар на НАТО?

Генерален секретар на НАТО традиционално беа шефови на влади или држави, но тоа не е воспоставено правило, а многумина веруваат дека би било прифатливо и заменик-премиер или министер за надворешни работи.
Меѓу имињата за кои најмногу се зборува е Марк Руте, премиерот на Холандија, кој, кога неодамна беше прашан за неговите аспирации, посочи дека можеби наскоро ќе посака целосно да ја напушти политиката.
Кристија Фриланд, заменик-премиерка на Канада, која, според изворите на Форин полиси (и извештајот на „Њујорк тајмс“), е поддржана од Вашингтон; како и Каја Калас, 45-годишната премиерка на Естонија.
Потоа, тука е списокот на сегашни и поранешни жени лидери. Словачката претседателка Зузана Капутова, литванската премиерка Ингрида Симоните и поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ се пријавени како можни кандидати.

Две дами за трката со фотофиниш?

Според тројца извори со кои разговараше ФП, чии имиња се споменуваат многу поретко, се Кристија Фриланд, заменик-премиерка на Канада, и Каја Калас, 45-годишната премиерка на Естонија, оквалификувани како динамични дами што се на врвни позиции во своите земји.
Ø Кристија Фриланд, заменик-премиерка на Канада, е внука на украински имигранти во Канада. Во 2015 година, по анексијата на Крим, таа напиша есеј наречен „Моја Украина“ и спомна како нејзините баба и дедо по мајка „се гледале себеси како политички прогонети, со одговорност да ја одржат во живот идејата за независна Украина“. Но, канадскиот печат објави дека нејзиниот дедо бил вмешан во украинското националистичко движење и го уредувал „Кракивски висти“, кој е опишан како нацистички пропаганден дневен весник, кој бил со антисемитска уредувачка политика. Таа беше поддржана од канадскиот премиер Џастин Трудо, кој протера четворица руски дипломати затоа што се обидоа да ја дискредитираат и да го нарушат нејзиниот имиџ во јавноста. Трудо ги опиша дипломатите како „руски пропагандисти“, кои „споделуваа непристојни приказни за неа“. Неколку набљудувачи на НАТО изјавија за ФП дека иако Фриленд е добар избор, фактот што Канада не е во Европа може да биде извор на триење во време кога кохезијата е на највисоко ниво.
Ø Каја Калас, 45-годишната премиерка на Естонија, е достојна предизвикувачка на Фриленд за позицијата не само затоа што е Европејка туку и затоа што Естонија, за разлика од Канада, троши најмалку 2 отсто од својот БДП за одбрана, што е наведена цел на земјите-членки. Сепак, Калас се смета за цврсто анти-Путин крило што се залагаше против преговарање со него.

Хрватска кандидатка, британски кандидат, италијански кандидат…

Додека Фриленд и Калас се сметаат за премногу непопустливи противници на Путин, Колинда Грабар-Китаровиќ (Хрватска), од друга страна, може да биде отфрлена токму поради нејзината пријателска љубезност со Путин, бидејќи разменила фудбалски дресови со него кога патувала да го гледа Светското првенство во 2018 година. Згора на тоа, сегашното хрватско раководство не ѝ е многу наклонето за да ја поддржи. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се спротивстави на испраќањето смртоносно оружје во Украина и рече дека помошта од одбраната „ја продолжува војната“.
Од Обединетото Кралство, пак, британскиот секретар за одбрана Бен Валас е ново име што се споменува во комбинација, како и поранешната британска премиерка Тереза Меј. Сепак, на Британија може да ѝ биде тешко да ги убеди преостанатите европски НАТО-членки да гласаат за нивни кандидат, бидејќи сѐ уште ја чувствуваат недовербата што Британија ја напушти Европската Унија. Но другите, особено членките на НАТО во соседството на Русија, сметаат дека воената сила на Обединетото Кралство е огромна предност и тие нив ги поддржуваат токму поради тоа.
Потоа, како нареден кандидат се споменува и Марио Драги, италијански економист, банкар и поранешен премиер, како и Федерика Могерини, поранешен шеф за надворешна политика на ЕУ и италијански министер.
Извори од НАТО за ФП велат дека „европското единство и координација со САД се од огромно значење за да се победи Путин и неговите пошироки амбиции“. Некои од нив, пак, повторно се обложуваат на Столтенберг. Во кулоарите на НАТО, според некои западни медиуми, се зборува дека „мандатот на Столтенберг може да биде продолжен“. Можеби во прилог на тоа сценарио зборува фактот што работата во норвешката централна банка повеќе не е достапна за Столтенберг.
На патувањето во Вашингтон оваа недела, Столтенберг го поздрави раководството на САД и рече: „Непоколебливото американско лидерство и двопартиската поддршка обезбедија сојузниците во НАТО да бидат обединети како никогаш досега“. Дали тоа единство ќе потрае, сепак, кога станува збор за изборот на наследникот на генералниот секретар на НАТО?