Македонските таеквондисти ќе добијат поддршка од компанијата „Алкалоид“ во борбата за остварување норма за учество на Летните Олимписки игрите во Париз в година. Соработката е остварена преку склучениот договор за наредните две години. Директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, истакна дека е среќен што ќе биде реализирана соработката со Таеквондо федерацијата на Македонија.
– Чест и гордост ни е што сме заедно со македонската таеквондо федерација. За нас е многу важно што се вклучуваме во спортот, како општествено одговорна компанија на која спортот ѝ е приоритет. Годинава, како и следната, сакаме да бидеме дел од системот во таа подготовка. Среќен сум кога ќе видам посветени луѓе кои ја претставуваат Македонија. Навистина е голема радост тоа што Дејан го направи на Олимпијадата. Јас сум оптимист дека ќе освоиме нови медали – изјави Мукаетов.
Претседателот на таеквондо федерацијата, Борче Костовски, исто така истакна задоволство поради склучената соработка со „Алкалоид“, а сребрениот медалист од претходните Игри во Токио, Дејан Георгиевски, нагласи дека денешниот настан претставува потврда за сериозните амбиции на македонското таеквондо, изразувајќи верба дека претстои борба за нови олимписки медали.
– Му благодарам на „Алкалоид“ за поддршката. Годинава освоивме медал на „Президент-купот“ во Турција и се надевам дека така ќе продолжиме – изјави Георгиевски.