Битолските спасувачи Петар Нолев, Зоран Балуловски, Владо Николовски, Петре Илиоски и Игор Радичовски, утрово се вратија од турскиот град Адијаман, каде заедно со другите спасувачки екипи работеа на пронаоѓање и спасување на преживеани и извлекување на жртвите, после катастрофалниот земјотрес што се случи минатиот
понеделник.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој денес ја пречека спасувачката екипа во својот кабинет, заблагодарувајќи им се за нивната хуманост и
пожртвуваност, спасувачите ги награди со по една просечна плата.
– Нема зборови со кои може да се искаже големината на овие наши луѓе и нивното
херојство. Битола е горда, што има вакви луѓе, обучени за брз одговор за спасување од
планина и високи објекти кои можат и сакаат своето знаење и подготвеност, да ги употребат за најхуманата работа – спасување на човечки животи. Големо благодарам за се што направија и за нивната подготвеност, секогаш да бидат на висина на задачата и
професионално да одговорат – рече Коњановски на денешната средба со
битолската спасувачка екипа.
Во спасувачката акција, спасувачите од Битола се вклучија веднаш после 30
часовното патување, соочувајќи се со тешки состојби и огромна тага во разрушениот
турски град. Сепак, желбата да се помогне во спасувањето на човечки животи, била
доволно силна, да се работи се додека за тоа постоело надеж. М.М.