Збогување со врвниот инструменталист и композитор
Замолкна хармониката на маестро Милан Завков, инструментот на кој тој свиреше од својата осма година, кога за роденден татко му му ја купи првата хармоника. Тажната вест што молскавично се прошири во вторникот, дека големиот македонски музичар, композитор, аранжер и првенец на националниот ансамбл „Танец“ веќе не е со нас, ги затече неговите блиски, пријатели, колеги, почитувачи… А големото срце на Завков престанало да чука ненадејно во понеделникот вечерта. Тој бил во своето студио, кое е во склоп на неговиот дом, кога му се слошило. Неговите домашни веднаш повикале брза помош, но веќе било доцна. Врвниот инструменталист и композитор ненадејно почина на 61 година, оставајќи наследство како композитор и аранжер од над 800 дела. За жал, со неговото заминување македонската музичка сцена загуби голем професионалец.
Зборовите со кои сите што го познаваа Милан Заков се збогуваа од него на социјалните мрежи беа полни со почит, љубов и голема благодарност за сето она што го направи за македонската народна музика. Звукот на неговата хармоника со која со толкава леснотија свиреше, како да си поигруваше со инструментот, одлика на сите виртуози, беше разигран, топол, но со порака дека македонската народна музика мора да продолжи по сопствениот, автентичен пат, бидејќи само така ќе ја зачуваме од сите лоши влијанија.
„Големите луѓе не умираат, тие имаат само ден на раѓање“, напишаа некои од неговите пријатели на мрежите. Други си спомнуваа за заедничките спомени, за сето она убаво што го доживеале соработувајќи со Завков.
Во средата во фоајето на МОБ се одржа и комеморација во спомен на големиот музичар, на која говореа: Антоанета Токовска-Котевска, претседателка на ЗАМП, Сашо Ливрински, претседател на Здружението на естрадни уметници, Бранка Костиќ-Марковиќ, уметничка директорка, Мартин Вучиќ, директор на „Танец“, и Сузана Спасовска, солистка во ансамблот.
– Улогата на Завков во „Танец“, беше повеќе од престиж, таму се искачуваат најдобрите – рече Мартин Вучиќ, а хармоникашот Сашо Ливрински додаде: „Уште многу среќни и несреќни љубови ќе се најдат во неговите песни. Уште многу игроорци ќе ги кршат даските со неговите ора“.
На комеморацијата, која почна со звуците на хармоника, а Спасовска со својот прекрасен глас отпеа една песна на Завков, дојдоа голем број фолкпејачи, пејачки и музичари, колеги од „Танец“, исто така беше прочитана и телеграмата со сочувство од претседателот Стево Пендаровски.
Дом опкружен со музика
Милан Завков потекнува од музичко семејство, татко му исто така бил хармоникаш, а мајка му била пејачка и снимила повеќе песни за Радио Скопје. И неговиот брат Тоше исто така е музичар и тие често настапуваа заедно. Бидејќи, како што велеше, во неговиот дом постојано се свирело и се пеело и тој ја засакал хармониката како инструмент, а кога имал 14 години станал член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, своите младински денови ги поминал свирејќи во културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ и уште тогаш чувствувал дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба.
Во средното музичко училиште одбрал да научи да свири на втор инструмент – контрабас, а знаењето го усовршувал и на музичката академија во Скопје, бидејќи во тоа време сè уште немало студии по хармоника. Тој по четири години со успех дипломирал на Одделот за гудачки инструменти.
Сепак, Завков до крајот ѝ останува верен на хармониката, остварувајќи неверојатно богата музичка, но и творечка кариера. Во 1970 година, со популарниот октет „Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата над четиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ реализира врвни музички интерпретации.
Првенец на „Танец“
Од 2000 година, Милан Завков е вработен во националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како музичар инструменталист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува голем број концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот. На сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене“, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето“ и „Свири мајсторе“ од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија“ од Војо Стојаноски, „Лична Јовано“ и „Лазарополе“ од Наум Петрески, „Пат за Стамболград“ и „Мораш душо да ме разбереш“ од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски… Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу создадени ора и чочеци и добива углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Од неброените концерти низ Македонија, поранешна Југославија, во Европа, Америка, Канада и во Австралија, Завков во една пригода го издвои оној во „Опера хаус“ во Сиднеј, со ансамблот „Танец“ од пред неколку години, кога настапиле пред публика од 5.000.
– Емоцијата е флуидот што на концертите го разменуваме со публиката, а во Сиднеј таа ноќ беше незаборавна. Исто така, кога со „Танец“ на гостувањата се игра „тешкото“ секаде има флуид со публиката. И јас понекогаш чувствувам морници, па дури и на неколку секунди сум останувал без здив и сум престанувал да свирам, обземен од целата таа атмосфера. Искрено, ние музичарите сме само луѓе, со свои проблеми, чувства, но, верувајте, кога ќе го земам инструментот, мојата хармоника, во раце, јас заборавам на сѐ – ни рече во една пригода големиот уметник.
Тој беше неуморен творец, кој секогаш бараше нови предизвици, но пред сѐ беше скромен, обичен човек, за кого семејството беше столбот на кој се потпираше. Беше омилен пријател и колега, кој имаше убав збор и поддршка за секого. Убедени сме дека сето она што го создаде Милан Завков, а тоа навистина е за почит, ќе биде зачувано за идните генерации, кај кои исто така ќе предизвика љубов кон македонската народна музика, непресушниот извор на македонскиот бит.