Скопје и скопјани не забораваат

Скопје мое, мои сограѓани, душата ми ја исполнивте со неизмерна гордост во овие
тешки денови. Покажавте дека Скопје е град на солидарноста, дека Скопје никогаш не заборава. Покажавте заедно дека во вакви тешки мигови, сета човечка
злоба и пакост можат да бидат оставени настрана за повисоки цели. За спас на секое дете што во урнатините ги загубило своите родители, браќа и сестри, за спас на секој човек што во урнатините засекогаш изгубил дел од себе

Скопје уште еднаш покажа дека не заборава. Тоа многупати досега го докажаа жителите на главниот град, но по последните случувања во кои земјотрес ги зафати Турција и Сирија дефинитивно се покажа дека спомените од 1963 година, кога разорен земјотрес како кула од карти го разурна Скопје, сѐ уште се свежи.
Иако цела Македонија е на нозе за да помогне колку може, сепак неминовно е да споменам дека сум особено горда на моите скопјани, кои веднаш се мобилизираа за да помогнат. По стравотните видеа, фотографии и информации во медиумите и на социјалните мрежи дека десетина града во Турција и во Сирија претрпеа катастрофални човечки и материјални штети, граѓаните веднаш почнаа со идеи и предлози за помош. Повици за собирање крв, донирање парични средства, иницијативи за отворање пунктови за донации, но и апели да се замине во Турција за да им се помогне на граѓаните на самото место се само мал дел од предлозите за помош.
Сопственици на тезгиња од каде што го печалат лебот донираа детски капи и шалови за тамошните дечиња што останаа без покрив над главата. Граѓаните, пак, на плоштадот „Македонија“ донираа конзервирана храна, алишта, ќебиња, обувки и многу други работи што во овие моменти на тамошните жртви им се можеби и попотребни од пари, иако и на тоа поле Македонците се покажаа на дело. Граѓаните веќе на големо донираат парични средства на отворениот број за донации, каде што секој може да донира колку може и колку сака, а само со еден повик се донираат 100 денари. Досега се собрани околу две илјади евра, а донацискиот број едвај е отворен 48 часа.
Особено без зборови ќе ве остави групата на Фејсбук насловена „Стари скопјани“. Тука членуваат старите скопјани, оние што за време на скопскиот земјотрес сведочеле на траорот и стравотните слики што ги предизвикал тресокот на Земјиното тло. Тоа се тие генерации што растеле рака под рака со Турци, Срби, Албанци, Роми, Бошњаци. Тоа се луѓето што се спасувале меѓусебно, независно од нивната вера и нација. И токму овие граѓани се појавија со најголем број идеи за помош. Ќе ве наежат пораките за поддршка што се испраќаат таму.

Фото: Игор Бансколиев

Таму членуваат и Турци, кои неизмерно им заблагодаруваат на своите сограѓани за сочувствата и за несебичноста, а кои од своите роднини и пријатели во Турција постојано известуваат за тамошната состојба.
За волја на вистината, покажавме дека сме братски народ кога сме најпотребни. Владата, скопските општини и други институции донираа парична помош, а на помош веќе се пристигнати и екипи спасувачи и пожарникари што ќе работат на пронаоѓање на затрупаните и на расчистување на урнатините. Сите општини и градови во земјава свикаа итни и вонредни седници на советите за што побрзо да се определат средства за помош на погодените градови во Турција и Сирија.
Да не звучам пристрасно, за поздрав се сите државни институции, градови и општини во земјава, кои несебично подадоа рака тогаш кога најмногу беше потребно. Меѓутоа, скопјани некако посебно емотивно ги доживеаја овие вести, најверојатно токму поради тоа што Скопје и неговите жители многу добро знаат како им е на луѓето што изгубија цели семејства и фамилии, но и сѐ што поседуваат. Знаат како е да живееш во страв и неизвесност, единствено нешто што те држи во живот е надежта дека ќе ги најдеш своите блиски и за неа се држиш цврсто, со двете раце, иако токму тој конец е претенок и секој момент може да се искине.
Со целата душа и срце скопјани донираа, се мобилизираа и нудеа секаква помош.
Скопје мое, мои сограѓани, душата ми ја исполнивте со неизмерна гордост во овие тешки денови. Покажавте дека Скопје е град на солидарноста, дека Скопје никогаш не заборава. Покажавте заедно дека во вакви тешки мигови, сета човечка злоба и пакост можат да бидат оставени настрана за повисоки цели. За спас на секое дете што во урнатините ги загубило своите родители, браќа и сестри, за спас на секој човек што во урнатините засекогаш изгубил дел од себе.
Овој ден засекогаш ќе се памети по две работи. По разорниот земјотрес, кој никогаш нема да биде заборавен, но и по несебично подадената рака на турските и сириските граѓани.

[email protected]