Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од 2018 година, покрај Законот за македонски јазик, во легислативата на Македонија е присутен и Законот за употреба на јазиците, кој се однесува на употребата на јазикот што го говорат повеќе од 20 отсто од граѓаните во државата, што, според соговорниците, всушност – е еуфемизам за албанскиот јазик. Пет години по уставноправно контроверзното усвојување на Законот за употреба на јазиците, во реалната практика се соочуваме со многу недоречености во однос на статусот на јазиците во Македонија, особено на штета на македонскиот јазик. Во таквиот контекст, нашите соговорници сметаат дека практиката сама покажува „неопходност за укинување на актуелниот Закон за употреба на јазиците и потреба од креирање еден закон со кој ќе се дефинира статусот и ќе се регулира примената на македонскиот јазик, како и на другите јазици на малцинствата во државата“

Законската регулатива со која се регулира употребата на јазиците е уставно контрадикторна

Работната верзија на новиот закон за употреба на македонскиот јазик неодамна беше предмет на јавна расправа, како прв чекор во процедурата за негово усвојување. Исто како и за постојниот Закон за македонски јазик, донесен во 1998 г., предлагач на новата законска верзија е Министерството за култура. Според присутните и учесниците на јавната расправа биле изнесени повеќе конструктивни забелешки, за кои предлагачот реагирал позитивно, при што било изнесено ветување дека некои од предлозите дури ќе бидат и имплементирани, пред законот да влезе во собраниска процедура.

Пет години по контроверзното усвојување на Законот за употреба на јазиците, во реалноста се соочуваме со многу нејаснотии и недоречености

Потребата за осовременување на Законот за македонски јазик, по 25 години од неговото постоење, произлезе најмногу од предизвиците на промените на општествено-политички план, во контекст на употребата на јазиците, како во јавната сфера така и во официјални ситуации во актуелната македонска реалност. Од 2018 година, покрај Законот за македонски јазик, во легислативниот систем на Македонија е присутен и Законот за употреба на јазиците, кој се однесува на употребата на јазикот што го говорат повеќе од 20 отсто од граѓаните во државата, што, всушност, е еуфемизам за албанскиот јазик. Пет години по уставноправно контроверзното усвојување на Законот за употреба на јазиците, во реалната практика се соочуваме многу недоречености во однос на статусот на јазиците во Македонија, особено на штета на македонскиот јазик.
– Во реалноста имаме една ситуација во која Законот за употреба на јазиците (т.е. на албанскиот јазик) е посилен од Законот за употреба на македонскиот јазик. Самото постоење на два закона со кои се регулира употребата на јазиците е особено уставно контрадикторна и воспоставува практика на јазичен паралелизам во една држава. Какви било измени на Законот за македонски јазик нема да придонесат за надминување на таа состојба на противуставен јазичен паралелизам. Кога веќе се актуализира темата за реформирање на Законот за македонски јазик, сметам дека треба од корен да се регулираат состојбите за статусот и употребата на јазиците во Македонија. Треба да се укине актуелниот Закон за употреба на јазиците и да се креира еден закон со кој ќе се дефинира статусот и ќе се регулира примената на македонскиот јазик, како и на другите јазици на малцинствата во државата. Во моментов имаме една апсурдна ситуација, во која Законот за употреба на јазиците, со санкциите предвидени во него за негово непочитување, го загрозуваат статусот на македонскиот јазик, кој, според Уставот, е службен јазик (како и неговото кирилско писмо) на територијата на целата држава Македонија и во меѓународната употреба – вели академик Катица Ќулавкова.
Статусот и употребата на македонскиот јазик, но и опсегот на службена употреба на јазиците на националностите во Македонија е определен според членот 7 од Уставот.
– Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.

И Венецијанската комисија се изјасни дека Законот за употреба на јазиците е неприменлив во многу сегменти што се предвидени во него

Во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и на начин утврдени со закон – гласи текстот на членот 7 од македонскиот устав.
Законот за употреба на јазиците, кој беше усвоен во спорна собраниска процедура, сѐ уште е во дискрепанца со оваа уставна одредба. За овој закон и Венецијанската комисија се изјасни дека е неприменлив во многу сегменти што се предвидени со него, но и покрај ветувањата од актуелни владини претставници дека забелешките на високото советодавно правно тело на Советот на Европа ќе бидат имплементирани, тоа сѐ уште не е реализирано. Во меѓувреме, Законот за употреба на јазиците се имплементира на повеќе нивоа, што во практика претставува воспоставување службена двојазичност на државно ниво.
– Политичкиот амбиент во Македонија сериозно укажува дека тешко ќе се пронајде политичка волја за повлекување на Законот за употреба на јазиците. Со неговото усвојување и примена, и покрај претставките пред Уставниот суд (кои не се процесираат) и забелешките од Венецијанската комисија, употребата на македонскиот јазик, според актуелниот Закон за употреба на македонскиот јазик, во голема мера е ставена во втор план во јавната и службената сфера. Во еден таков политички амбиент, добра и потребна е идејата за подновување на Законот за употреба на македонскиот јазик, со што би се зацврстиле неговиот статус и употребата како службен јазик на сите нивоа на државноста на Македонија (и на внатрешен и надворешен план), во сообразност со законски изменетите јазични состојби во земјава. Сепак, и во новото предлог-законско решение за употребата на македонскиот јазик има одредби со кои е несразмерно регулирана состојбата за негова примена и онаа на Законот за употреба на јазиците (практично, на албанскиот јазик). Инспекторатот што се предвидува во новиот предлог-закон за македонскиот јазик би требало да остане под Министерството за култура, додека инспекторатот за Законот за употреба на јазиците е под Министерството за правда, со многу повеќе ресурси на располагање. Исто така, казните предвидени за непримена на двата закона се драстично несразмерни. Казните предвидени за непримена на Законот за употреба на јазиците се од 2.000 до 5.000 евра, додека највисоката казна за непримена на Законот за употреба на македонскиот јазик е до 500 евра. Имавме забелешка дека и во новото законско решение за македонскиот јазик треба да се нагласи дека тој е службен јазик на територијата на цела Македонија, но и службен јазик за меѓународна комуникација на официјалните претставници на државата. Не знам колку е политички и правно изводливо во овој миг прашањата за употреба на јазиците во Македонија да се регулираат со еден закон, иако е логично. Сепак, потребно е законско решение што ќе ги одразува уставниот статус на македонскиот јазик и неговото значење за државноста на Македонија – вели професорката Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик.