Денеска се навршуваат 14 години, од 6 февруари 2009 година, денот на формирањето на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
-Друштвото е регистрирано во Основниот суд во Тирана, со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, на Македонците во Република Албанија. За периодот од 14 години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство – изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Додаде дека МД „Илинден“- Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при унијата. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учествува на сите конгреси и поднесува резолуции, што придонесува тоа да биде рамноправен член и силен глас на македонското национално малцинство во Албанија.
-Во изминатите 14 години како претседател, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија, како и со меѓународни организации. На сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Албанија, Македонија и низ светот – посочи Ѓурѓај.
Како што вели, упатува добронамерна критика до владата на Република Албанија и до надлежните министерства и организации да посветат посебно внимание и позитивно да одговорат на нивното барање за настава на мајчин македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора, и насекаде каде има значителен број Македонци, идентично како што тоа веќе се остварува во областа Мала Преспа.
-Бараме Владата да изврши промена на штетната територијална поделба на локалната самоуправа и да ги прифати општините во областите Голо Брдо и Гора каде живеат Македонци. Исто така бараме од владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, што е повеќе од потребно за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата – посочува тој.
Порачува дека нивните ставови за Законот за националните малцинства во Република Албанија се исти како и пред донесувањето на овој Закон.
-Неколкупати укажавме, дека Законот треба да ги реши горливите проблеми на националните малцинства, но со новодонесениот Закон се постигна токму спротивен ефект. Донесе дополнителни проблеми, кои се негативни не само за Македонците, туку и за Република Албанија во целина. Го повикуваме Комитетот за национални малцинства да покаже поголема активност за македонското малцинство во Република Албанија, а не да биде во сенка. Комитетот треба да ги воздигне малцинствата и да им помага во борба за опстанок во Република Албанија – нагласува Ѓурѓај.
Македонско друштво „Илинден“-Тирана останува посветено на борбата за македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата и правата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.
-Сакам да ги повикам сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во матичната држава Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во континуитет за решавање на горливите проблеми со кои се соочуваат. Посебно благодарност сакам да упатам до сите што му помогнале на друштвото и голема благодарност до Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот „Илинден“ да стане глас на Македонците во Република Албанија – вели Ѓурѓај.
Оценува дека „Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави“.
-Ние не трчаме да победиме, туку да преживееме. Не за нас, туку за идните генерации. Македонското друштво „Илинден“ денес ја прославува својата 14 годишна работа, а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата. Да се вечни Македонците во Република Албанија! Да живее албанското – македонско пријателство, е пораката на претседателот на Македонското друштво „Илинден“- Тирана, Никола Ѓурѓај по повод 14- годишнината од формирањето на друштвото.