Тој ги престигна Марк Џексон (10.334) и Стив Неш (10.335), а за една друга листа на четирикратниот НБА-шампион му требаат уште 89 поени за да стане најдобар стрелец во историјата на најквалитетната кошаркарска лига во светот

КОШАРКА

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, го одведоа својот тим до победа, со 123-129, по продолжението (114-114), која им дава надеж дека преку баражот може да се пласираат во плејофот на НБА-лигата. Притоа Џејмс оствари т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), со 28 поени, 11 асистенции и со 10 скока (Дејвис оствари 27 поени, една асистенција и девет скока).
Со 11-те додавања, Џејмс се искачи на четвртото место според бројот на асистенции во историјата на НБА, со 10.338. Тој зад себе ги остави Марк Џексон (10.334) и Стив Неш (10.335). На оваа листа водат Џон Стоктон (15.806), Џејсон Кид (12.091) и Крис Пол (11.246).
За една друга листа, на четирикратниот НБА-шампион Џејмс му требаат уште само 89 поени за да го престигне Карим Абдул Џабар и да стане најдобар стрелец во историјата на најквалитетната кошаркарска лига во светот (38.299-38.387).
Во Западната конференција на НБА-лигата сезонава води Денвер со 35 победи и 16 порази, пред Мемфис со 32-18, а Лос Анџелес лејкерс моментно е на 13-то место со 24-28. На Истокот прв е Бостон со 36-15, пред Милвоки со 34-17, а Њујорк е седми со 27-25. Г.И.


НАЈДОБРИ АСИСТЕНТИ ВО НБА

Џон Стоктон 15.806
Џејсон Кид 12.091
Крис Пол 11.246
Леброн Џејмс 10.338
Стив Неш 10.335
Марк Џексон 10.334