Фото: Зоран Антовски

Засега единствениот уличен свирач во Кичево, Селаудин Абдулоски, по пауза од речиси два месеци ја отвори сезоната на улична свирка, со што започна да ги развеселува своите сограѓани, кои во голем број минуваат на локацијата каде што тој претежно свири а тоа е булеварот „Ослободување“. Неговата свирка е препознатлива и речиси нема песна што не знае да ја отсвири и затоа не е мал бројот на минувачи кои како благодарност за неговата убава свирка го наградуваат со по некој денар.

Како што најави дека со улична свирка годинава ќе се занимава се додека временската ситуација тоа го дозволува и го служи здравјето.

– Поради здравствени проблеми како и поради возраста, последните два месеци не се занимавам со улична свирка. Но од вчера можам да најавам дека ја започнав сезоната на улична свирка и до крајот на оваа календарска година планирам да ги развеселувам моите сограѓани. И покрај економската криза, можам да бидам задоволен од дарежливоста на сограѓаните и се надевам дека така ќе продолжат и во понатамошниот период – вели ветеранот на улична свирка Абдулоски, кој покрај во земјава повеќе од една деценија ги развеселувал и жителите од најголемите градови во Германија и Австрија и потенцира дека за него покрај малата заработка, пресудно да се бави со улична свирка е неисцрпната желба секогаш да свири.

– Да се биде уличен свирач за мене е големо задоволство и така ќе продолжам се додека тоа ми го дозволува здравјето. Јас иако на улица свирам со кавал, мојот главен инструмент кој го свирев најдолги години беше хармониката, но поради нејзината големина и тежина не е погодна секојдневно повеќе часа да ја носам со себе, додека кавалот е мал и лесен и секогаш можам да го имам кај себе – додава Селаудин.

З.А