Министерот за правда, Никола Тупанчески не е загрижен доколку го сменат од функцијата, ниту негира дека тоа ќе се случи со влезот на Алијанса на Албанците во Владата. Тупанчески, смета дека брзата промена на министри не е решение. Тој ја извршуваше функцијата една година.
– Беше лиферувано дека Министерството за правда ќе биде едно од министерствата кое ќе биде ставено на „Пазар 3“, фигуративно кажано, ќе биде на берза, во однос на одредени рокади, односно замени на министерските места. Апсолутно и јас како министер, но и Министерството за правда не сме оптоварени со овие работи. Јас кажав дека до последниот ден ќе го дадеме својот максимум. Ние сме министерство кое има резултати и замисла како да ги заокружиме претходните замисли за поддржување на ресурсите. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдобро решение, но дефинитивни, не се зависни од Министерството за правда. Има фактори кои не се директно поврзани со Министерството за правда. Не постои оптовареност со развојот на настаните, но подготвени сме да одговориме на предизвиците – посочува Тупанчески.
Со влезот на Алијанса за Албанците во Владата, ќе следува и реконструкција.