Децата помлади од 13 години се премлади за социјалните мрежи бидејќи сè уште го развиваат својот идентитет, вели највисокиот американски службеник за јавно здравје, Вивек Мaрти. „Мета“, „Твитер“ и мноштво други гиганти на социјалните мрежи им дозволуваат на 13-годишниците да се приклучат на нивните платформи.
– Лично, врз основа на податоците што ги видов, верувам дека 13 години е прерано. Тоа е возраст во која е навистина важно да се размислува за тоа како се сфаќаат нивната самопочит и нивните односи. И често искривеното опкружување на социјалните мрежи им прави лоша услуга на многу од тие деца – изјави Марти за „Си-ен-ен њузрум“.
Медицинските експерти укажуваат на сè поголем број истражувања за штетата што таквите платформи можат да им ја нанесат на адолесцентите.
Марти ја призна тешкотијата да се спречат децата да ги користат тие платформи со оглед на нивната популарност, но сугерира дека родителите може да успеат со претставување обединет фронт.
– Ако родителите може да се соберат и да кажат обединето дека нема да дозволат нивните деца да користат социјални мрежи додека не наполнат 16, 17 или 18 години или која било возраст што ќе ја изберат, тоа е многу поефикасна стратегија за да се осигурите дека вашите деца нема рано да бидат изложени на штета – изјави тој за „Си-ен-ен“.
Новото истражување сугерира дека сурфањето на социјалните мрежи може да ја промени хемијата на мозокот кај адолесцентите.
Според студијата објавена овој месец во списанието „Џама педијатрикс“, студентите што поредовно прелистувале социјални мрежи покажале поголема нервна чувствителност во одредени области на мозокот, што го прави нивниот мозок повеќе да реагира на социјалните последици со текот на времето.
Психијатрите како д-р Адријан Стејси со години укажуваат на овој феномен. Стејси, која првенствено работи со тинејџери и студенти, претходно за „Си-ен-ен“ изјави дека користењето на социјалните мрежи предизвикува ослободување допамин во мозокот.
– Кога правиме работи кои предизвикуваат зависност, како користење кокаин или користење паметни телефони, нашиот мозок ослободува многу допамин одеднаш. Тоа му кажува на нашиот мозок да продолжи да ги користи. Особено кај тинејџерите, тој дел од мозокот е, всушност, хиперактивен во споредба со возрасните. Тие не може да се мотивираат себеси да прават ништо друго – вели таа.
Неодамнешните студии покажуваат други начини на кои прекумерното време на екранот може да влијае на развојот на мозокот. Кај малите деца, на пример, прекумерното време на екранот е значително поврзано со послаби вештини за описменување и способност за користење експресивен јазик.