Соочени со предизвикот на уставните измени, како услов за започнување на преговорите со ЕУ, во последно време сѐ почести се повиците на претставниците на власта во кои се инсистира на „преземање политичка одговорност за обврските преземени кон ЕУ“. Токму таквите повици, пак, многу легитимно во јавноста ги наметнуваат прашањата дали обврската спрема ЕУ е различна од онаа кон својата татковина и дали некои услови на ЕУ се поважни од одговорноста за националните интереси на Македонија
Како тоа со децении не успеваме да ги синхронизираме националните интереси со барањата на ЕУ
Уште во првите години од независноста на Македонија, со консензус беше прифатено и изгласано во Собранието дека „стратегиска цел за државата претставува членството во Европската Унија и во НАТО“. Секако, тогаш, пред триесетина години, ниту се претпоставуваше дека „членството во овие европски и евроатлантски сојузи ќе биде условувано со некакви ЕУ-процедури, кои се ставаат над меѓународното право“, при што „ни се редуцираат и предефинираат националните идентитетски параметри и воопшто се дерогираат суверените државни интереси на Македонија“!
По поразителното искуство со менување на името на државата со Преспанскиот договор во 2018 година, за кој се создаваше амбиент на увереност дека со неговото прифаќање европските и евроатлантските интеграции на Македонија ќе се движат со експресна брзина, без никакви други условувања, и покрај влезот во НАТО, на патот кон ЕУ се испречија уште цела серија вета и уште поапсурдни услови од земјите-членки на Унијата. Со нестандардните услови за Македонија, кои не ѝ биле поставени никогаш претходно на една земја-кандидат за ЕУ, практично се бара „согласност“ за откажување од автентичноста и посебноста на македонската историја, јазик и национален идентитет. Сето тоа е спакувано во едно навидум европско барање за уште едни измени на Уставот на Македонија (за кои овој пат се кажува дека не се последни) за внесување на Бугарите во преамбулата, како државотворно малцинство. А внесувањето на Бугарите во Уставот, благодарение на шовинистичко-иредентистичките уцени и провокации на политичарите од Бугарија, во македонската јавност е препознаено како директно загрозување и закана за опстанокот на меѓународен план на она што претставува македонски национален идентитет.
Така, во изминатите триесетина години, Македонија се најде во ситуација, од комплементарност на европските и националните вредности, да се соочува со (гео)политички и неетички калкулации за вредноста на идентитетското достоинство наспроти одамна декларираната стратегиската цел за членство во Европската Унија. Соочени со предизвикот на уставните измени, како услов за ефективно започнување на преговорите со ЕУ, сѐ почесто во изјавите на претставниците на власта се повикува на преземање политичка одговорност, а не само декларативна за посветеноста на стратегиската определба за членството во ЕУ. Таквите повици, пак, го наметнуваат прашањето во јавноста дали политичката одговорност спрема ЕУ(како стратегиска цел) е различна и поважна од одговорноста за националните интереси на Македонија. Сведено на реално егзистенцијална дилема, прашањето би гласело: дали повеќе си должиме одговорност себеси, како Македонци од Македонија, или на ЕУ, која (не)вешто избегнува да ги исполни своите ветувања за исполнување на нашите „стратегиски соништа“, измислувајќи некреативни и понижувачки услови.
– Ние, како Македонија и Македонци, по сите контроверзии што ни се наметнати, а практично и изнудени во нашите евроатлантски и европски интегративни процеси, веќе немаме причини за одговорност спрема Европската Унија. Напротив, Европската Унија има одговорност спрема нас, да нѐ третира рамноправно во евроинтегративните процеси, а не да ни поставува неправедни услови, целосно спротивни на нејзините декларирани вредности, само за да започнеме преговори. Преземањето политичка одговорност за исполнување на одамна поставена стратегиска цел, како членството во ЕУ, никако не смее да биде по цена на човечкото и националното достоинство на Македонија и на Македонците. Всушност, колку што е ЕУ наша стратегиска цел, исто толку и нашата припадност кон таа економско-политичка заедница е и нејзина стратегиска цел. Во актуелниот геополитички контекст, уште појасно е дека на ЕУ и на НАТО сме им потребни да бидеме оттргнати од секаква можност за руско влијание. Затоа е неетички и неодговорно од ЕУ да нѐ уценува за преговори за членство, со услови што го навредуваат елементарното човечко и национално достоинство. Преземање политичка одговорност си должиме за зачувување на националните вредности и интересите на Македонија како суверена држава, а одговорноста за исполнување на заедничките стратегиски интереси со Европската Унија, сега е во европските институции – вели историчарката и универзитетска професорка Наде Проева.
Филозофот Ферид Мухиќ, анализирајќи дали денес сѐ уште се комплементарни, односно дали се дополнуваат македонските национални вредности и стратегиски интереси за членство во ЕУ, заклучува дека состојбата е таква што нашите национални интереси се во спротивност со перцепцијата што ЕУ ја има за тоа каква Македонија и какви Македонци очекува, ако веќе мора да ги прими во своето друштво.
– ЕУ не би поставувала толку ултиматуми доколку македонските национални вредности беа соодветни на перцепцијата што Европа ја има за Македонците. Со сите ултиматуми и услови што ни ги поставија, за ампутирање на националниот идентитет, историја, јазик.. и понатаму не е извесно дали и такви ќе ѝ одговараме на Унијата. Од самиот почеток нашата, македонската тактика за постигнување на стратегиската цел за членството во НАТО и во ЕУ, е целосно погрешна. Погрешно е и тактички и психолошки некому да му признаеш дека ти е единствена алтернатива, како што Македонија го стори тоа со НАТО и со ЕУ. Со таквиот пристап само оставивме простор за уцени. Во атмосферата на уцени што доминира во современите меѓународни односи се поставивме како лесна цел за уцени и ултиматуми. Крајно време е Македонија да се постави суверено, како држава во овој процес на евроинтеграции, што е сосема излезен од подрачјето на етиката и препуштен на непринципиелната политика на уцени. Во такви услови, особено неодговорно е да се повикува на преземање одговорност за реализирање на стратегиски цели, по секоја цена, без оглед на поставените услови, кои не биле поставени кога била проектирана целта. Треба да се раздели стремежот за членство на Македонија во ЕУ, кој и понатаму е релевантна стратегиска цел. Но менувањето на идентитетот, историјата, јазикот на Македонија и Македонците не биле дел од проектираната стратегиска цел и секако се непристојна цена за плаќање за неизвесноста на нашиот безалтернативен избор – вели филозофот Ферид Мухиќ.