Лицем светци, срцем волци

Јавната преписка и острите зборови што си ги упатија меѓу себе двајца високи црковни великодостојници и владици навистина никого не може да остават рамнодушен. Зашто таа нивна полемика (за постоење или непостоење на парацрковни структури во редовите на единствената македонска црква) не само што го компромитира авторитетот на Македонската православна црква туку имлицира длабоки поделби и раздор внатре во МПЦ-ОА. А такво нешто воопшто не му е потребно на македонското општество

За јануари велат дека е најнајмесец во годината. И најдолг, најскап, најеуфоричен, најрелигиски, најстуден (годинава тоа не важи), најдепресивен и каков ли уште не. Секој си има свои аргументи во која категорија(и) ќе го смести. Но несомнено јануари е и најпразничен месец. Толку згуснат редослед на празници еден по друг нема во ниту еден друг месец во годината. Тука се Нова година, Бадник, Божиќ, Василица, Богојавление-Водици, Св. Јован. Сѐ се тоа убави и големи денови, можност да се просветлиме духовно, да го побараме бога, најдоброто во себе и да се помолиме за спасение.
Но јануари понекогаш знае да скрие и многу изненадувања, стапици, замки, да предизвика сомнежи и стравови. Искуството од минатото покажува дека токму во овој прв месец од годината на Македонија ѝ се случувале и некои непријатни работи. Еве мало потсетување. Пред четири години токму на Божиќ од Тирана беше испорачана таканаречената тиранска платформа, која го преуреди политичкиот систем, наметна нови услови, промена на Уставот, воведување двојазичност и редица други импликации. Сето тоа ја чинеше државата многу пари, време и енергија, потрошени на најобично политикантство, кое не донесе ниту подобар живот, ниту благосостојба за граѓаните, ниту напредок на државата. Напротив, се чини дека состојбите уште повеќе се влошија. Промените отидоа толку длабоко и широко што требаше да се сменат дури и униформи во одредени институции, да се вработат преведувачи и кај треба и кај што не треба итн. Сето тоа предизвика и отворени критики од Венецијанската комисија, како тело на ЕУ, која посочи дека воведувањето на двојазичноста на целата територија практично ќе го парализира функционирањето на државата. Но сѐ остана по старо и забелешките на Венецијанската комисија никој досега не ги уважи.

Истото непријатно сценарио ни се случи и годинава. И пак на Божиќ. Од Тирана добивме тиранска платформа бр. 2, во која се зацртани и нови услови и отстапки што треба да ги направи државата, наводно, во име на некаква европска иднина. Дали некој намерно сака на ваков начин и на вакви големи празници да му пркоси на македонскиот народ е сосема друго прашање, но фактите се тие. Одиме понатаму.
Пред неколку години на 9 јануари или на третиот ден на Божиќ беше одржана последната финална фаза од собраниската процедура за уставните измени за спроведување на спогодбата од Преспа. Како потоа заврши сето ова на сите ни е добро познато. Но останува впечатокот дека токму на голем христијански празник започна процесот на идентитетско обезличување на македонскиот народ и држава. Тој процес, очигледно, не е завршен и продолжува и понатаму. Неодамна повторно на голем празник, на Василица, среде Скопје имавме скандалозна манифестација на великобугарски национализам, шовинизам и фашизам. Висока делегација гости од Бугарија дојдоа во нашата држава за да испратат пораки со крајно провокативна и ретроградна идеологија за територијални претензии кон Македонија.
И додека Македонија и македонскиот народ сѐ уште не можат да се соземат од ваквите провокации и асимилаторски аспирации, на површина излезе ново големо изненадување за македонскиот народ. И повторно на голем празник, на Богојавление-Водици.
Јавната преписка и острите зборови што си ги упатија меѓу себе двајца високи црковни великодостојници и владици навистина никого не може да остават рамнодушен. Зашто таа нивна полемика (за постоење или непостоење на парацрковни структури во редовите на единствената македонска црква) не само што го компромитира авторитетот на Македонската православна црква туку имплицира длабоки поделби и раздор внатре во МПЦ-ОА.
А такво нешто воопшто не му е потребно на македонското општество. Ако во минатото во многу наврати сме биле, но и сѐ уште сме сведоци на битка до истребување меѓу политичките субјекти од македонскиот блок, сега на повидок е раскол во редовите на црквата.

Уште многу одамна големиот Прличев ја предвидел македонската судбина и напишал:
„Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, Да се мрази син со татка и со брата брат.“
Но, еве, сега, почнаа меѓусебно да се клеветат и владика со владика. Зарем дотаму стасавме

Политичкото неединство нѐ доведе во ситуација други да одлучуваат за нас, да ни ги кројат судбината и иднината, па дури и до парадоксални ситуации кога само еден или неколкумина пратеници од помалите албански партии „тежат“ или се вреднуваат повеќе од огромното мнозинство пратеници од македонските партии. Сега манифестирањето црковно неединство и раскол само уште повеќе ќе го ослаби македонскиот организам и ќе ја загризе отпорноста да се спротивставиме на сите предизвици.
Во период кога Македонија се соочува со политички притисоци и идентитетски премрежиња, кога од нас се бара да се откажеме од идентитетот, историјата, јазикот итн., раскарана и разедината македонска православна црква ќе значи само уште една лута рана во македонското национално ткиво.
Да не заборавиме дека црквата отсекогаш низ историјата била кохезивниот елемент на македонскиот народ. Кога му било тешко, кога страдал, но и кога се воздигал, македонскиот народ секогаш црпел духовна сила од верата, вербата во Христа и во црквата. Токму таа верба и го одржала македонскиот национален супстрат низ вековите како нераскинлив дел од територијата, и се одржала и посебноста на македонскиот јазик, обичаи, култура. Обидите за идентитетска ликвидација на македонскиот народ се започнати уште со Балканските војни и Букурешт 1913 година, продолжија со Лисабонската декларација, по што во поново време следуваа Преспанскиот договор, францускиот предлог… Дали можеби намерата е да се заврши и со бришење на името на црквата?
Уште многу одамна големиот Прличев ја предвидел македонската судбина и напишал:

„…лицем светци, срцем волци
Ќе ве дават ќе ве стрижат, ќе молзат до крв
Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори,
Да се мрази син со татка и со брата брат.“

Сето ова на политички план веќе го видовме и го почувствуваме. Но, еве, сега, не само син со татка и брат со брат туку почнаа да се клеветат и владика со владика. Зарем дотаму стасавме?
Злото што има намера да ја уништи Македонија може да се сопре само со истрајност, мудрост, верба, одговорност и сплотеност. А токму црковните великодостоинственици треба да ги красат сите овие карактеристики. За да можат да бидат вистински духовни водачи на својот народ. Да дадат пример и за политичарите да се сплотат околу интересите на македонскиот народ и држава, наместо постојано да се делат и караат. Да бидат браќа, а не крволочни волци меѓусебно.
Во овие тешки мигови на искушение Господ нека ни го покаже и просветли патот, за изгубеното јагне да се врати во стадото на кое му припаѓа.
Затоа и ќе завршам со зборовите на г.г. Стефан: „По божја волја постоиме, со божја помош и ќе опстанеме“.

[email protected]