фотографии: Зоран Антоски

Најсреќен од 27 доброволци верници што се фрлија во студените води на базенот во Кичево беше Алек Хлоупек (24), кој годинава го извади крстот од базенот.

За првпат годинава во базенот скокнаа и две девојки, што во изминатите години и децении не беше случај.

Од страна на тројцата свештеници најпрво беше извршен голем Богојавленски Водосвет и положен крстот во осветените води на базенот.

Алек Хлоупек беше пресреќен што денес му се насмевна среќата и го фати крстот.

– По неколку обиди да го фатам крстот, годинава ми се насмевна среќата и за првпат го извадив од водите на градскиот базен. Очекувам оваа година да ме следи многу среќа, а фаќањето на светиот крст за мене е посебен чин кој ќе го паметам цел живот – рече Хлоупек.

Од страна на општината на младиот Хлоупек му беше подарен златен крст, а доби подарок и од годинешниот водичарскиот кум во црковниот храм во Кичево.

Покрај Кичево во овој регион денес крст се положуваше и во неколку села во општината. Во село Другово крстот од студените води на река Треска го извади Љубиша Дојчиноски, кој од страна на општина Кичево доби златен крст.
З.А.