Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шведска, Романија, Франција и Данска по двапати во низа ја освојуваа светска титула и на претстојниот планетарен шампионат Данска има шанса да стане првата со хет-трик светски трофеи

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СП 2023

Ниту една репрезентација досега не го освоила трофејот на светските првенства (СП) за ракометари трипати по ред, а најблиску до тоа дојдоа селекциите на Шведска, Романија, Франција и Данска, кои по двапати по ред ја освојуваа титулата, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ). Од нив, Данска е таа што може да испише историја на СП во Полска и Шведска, кое почнува денеска. Данска изгради златна генерација, која победи на претходните две изданија на СП без да загуби ниту еден натпревар.
Од тој момент, сепак, Данска има малку надолен тренд, со второто место на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио лани, по поразот во финалето од Франција, и третото место на Европското првенство во 2022 година, кога Шпанија ја победи Данска во полуфиналето, пишува ИХФ.
Сепак, нивното јадро останува главно исто, со многу таленти на располагање на селекторот Николај Јакобсен. Има само мали промени, како што е пензионирањето на десното крило Ласе Сван Хансен, четвртиот играч со најмногу настапи за Данска (245 меча). Данска уште има многу моќ во тимот, може да блесне уште еднаш, откако освои речиси сѐ што може да се освои, вклучувајќи и златен медал на ЛОИ 2016, пишува ИХФ.
Микел Хансен, играч на годината во избор на ИХФ во 2011, 2015 и во 2018 година, и единствениот што освоил во низа две признанија за најкорисен играч (МВП) на СП, во 2019 и во 2021 година, уште го води тимот и уште е еден од најдобрите голгетери во Лигата на шампионите.
Силната одбрана, предводена од голманот Никлас Ландин, исто така, беше карактеристика на Данска, а помладите таленти почнуваат да се појавуваат, како што се левото крило Емил Јакобсен, линискиот играч Магнус Саугструп или централниот бек Џејкоб Холм. Сепак, најсветлиот талент кај Данска е Матијас Гидсел, кој веќе постигна 122 гола на само 27 натпревари за репрезентацијата, а беше прогласен за МВП на ЛОИ 2020. Гидсел пропушти шест до осум недели поради повреда на коленото во октомври, а 23-годишниот десен бек беше важен за Данска на минатите турнири, постојано изненадувајќи ги одбраните со кои се соочуваше, а актуелниот шампион сигурно смета на него за својата голема цел: хет-трик со златни медали, пишува ИХФ.


ДЕНЕСКА НА СП 2023

Франција – Полска 21 ч.