Фото: Емил Јовановиќ

На длабочина од 102 метри се чувствував мирно. Ги сакам длабочините. Водата ја чувствувам како пријател. Сакам да следам како се менува бојата на водата, целиот процес, од подготовката до спуштањето, ми предизвик. Така се соочувам со себе си, вели Трповска

Триесет и двегодишната охриѓанка Симона Трповска на 24 декември минатата година се спушти до 102 метери во длабочините на Црвено Море во Египет, со што стана македонска рекордерка во техничко нуркање. За овој подвиг се подготвувала една година, а и помогнал светскиот рекордер во длабинско нуркање Ахмед Габр, кој е и искусен инструктор. Ни раскажа како изгледале физичките, но и менталните подготовки, што чувствува толку длабоко во водата, како изгледа ова техничко нуркање, но и за љубовта кон водата и нуркањето како спорт.

Симона води сопствена фирма за консалтинг и пристап до финансии И-ДС Коучинг и Консалтинг дооел, а нуркањето и е хоби на кое му пристапува исклучително сериозно. Таа рекреативно нурка од 2007 година, а со техничко нуркање се занимава од минатата година, на што ја поттикнала нејзината пријателка, првата жена технички нуркач во Македонија.
– Од секогаш сакав техничко нуркање. Тое е нуркање надвор од рекреативните граници што не ти дозволува брзо излегување на површина. Тоа вклучува длабинскo нурање и/или нуркање во затворени простории, како пештери, рудници, под мраз… – вели Симона.

Фото: Габр Тек

Безбедно спуштање во длабочина и враќање на површина

Избрала да работи со Габр, инструкторот од Египет, кој го држи Гинисовиот рекорд за најдлабоко нуркање од 332,5 метри, и поради неговите специфична методологија и техники за безбедно нуркање. Едноставно кажано, за да се вратиш безбедно на површина по нуркање, телото треба да се ослободи од најголем дел од гасовите кои се користат за спуштањето во длабочините, односно да се направи соодветна декомпресија. Има пропишани стандарди и правила што се користат, а искусните инструктори имаат дополнителни техники и методи.
За време на интензивните тренинзи, Трповска нуркала на различни локации во светот, а пред поставување на националниот рекорд се здобива со меѓународен сертификат „Advanced Trimix Diver“, за техничко нуркање до 100 метри, што воедно е највисок сертификат за длабинско техничкото нуркање, кој овозможува нуркање со мешавина од три гасови (хелиум, кислород и азот), кои се комбинираат согласно планираната длабочина.

Фото: Габр Тек

– Најголем предизвик на нуркање на длабочина од 102 метри, е безбедното враќање назад. Во целиот процес се користат различни мешавини на гасовите. Секоја од боците има различен гас и се користи до определена длабочина. Овој пристап овозможува менаџирање на сатурацијата на гасови и ослоборување од истите при враќањето на површина – објаснува Трповска.

Покрај гасовите, потребен е и детален план за целото патување под вода. Сето тоа се менаџира со компјутер – специјален часовник. Тој мери време, длабочина, гасови и во него е планот за декомпресија… Покрај тоа, се користат и додатни уреди и таблици.

Логистика и траење на нуркањето

На длабочина од 102 метри останала до десета минута со опрема од над 60 килограми, а за да се врати назад и биле потребни 55 минути со оптимални мешавини на гасови.

-Доколку дозволуваат временските услови може во вода да скокнеш со дел од опремата, а тимот да ти го подаде останатиот дел. Но ако има бранови и струења мора да скокнеш со целата опрема. И ова е дел од тренингот и обуките – раскажува нашата соговорничка.

Фото: Габр Тек

Чувството во длабочините и на површината по излегувањето

Ја прашавме како се чувствувала на длабочина од 102 метри.

-Мирно се чувствував. Мене нуркањето ми е е предизвик, јас ја сакам водата, ги сакам длабочините, тоа ми е убаво. Водата ја чувствувам како пријател. Се чувствував мирно, верував во мојот инструктор, во опремата и гасовите, верував во себе, во тренингот и подготвеноста. Сакам да следам како се менува бојата на водата, целиот процес, од подготовката до спуштањето, ми и предизвик. Така се соочувам со себе си – вели Симона.

Кога излегла од вода прво била збунета.

-Прво бев збунета. Знаете, има работа и кога ќе излезеш од вода, треба да се среди и демонтира опремата. Бев и малку уморна и ми требаше време да почувствувам возбуда. После нуркањето не се дозволени физичка активност, сончање, масажа… Сето тоа е за безбедно да се исфрлат гасовите од телото, односно успешно да се заврши процесот на декомпресија кој трае и по излегувањето од водата – објаснува Симона.

Фото: Габр Тек

Медитација, техники за фокус и личен развој

Освен физичка, за нуркањето е потребна и ментална подготовка и надвор од вода. Трповска редовно медитира и користи техники за фокус.

-Постојано работам на себе и на мојот личен развој, а со тоа е поврзана и мојата работа. Постојано работам на мојата психичка подготвеност – вели нашата соговорничка.

Фото: Габр Тек

Нејзината следна цел, не е постигнување на одредена длабочина. За неа најбитни се методологијата и тренингот. Сака да продолжи да го вежба и усоврши наученото. И секако да ужива во нуркањето, а длабочините сами по себе ќе дојдат.


Споделување на искуството

Сите сегменти од искуството во Црвено Море, Трповска ги сподели на настан организиран од Клубот за подводни дејности Охрид. На настанот членовите имаа детална дискусија околу процесот и методологијата на длабинското нуркање.