По барање на ова Јавно обвинителство, судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, соопшти Специјалното јавно обвинителство.
Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.
– Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката -велат од СЈО.
Истрагата за „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, а постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра.