Според податоците од бугарските власти, досега се издадени 153.000 пасоши, а 38.000 се во процедура. Најголем интерес за документите имало во Македонија, од каде што само минатата година биле поднесени дури 10.000 барања за потврди за потекло. Интересен агол на случувањата во Бугарија истакна и политичката аналитичарка Полина Паунова, која запрашала зошто во Бугарија токму сега се актуализира скандалот со продажбата на државјанствата, иако тој му е познат на обвинителството уште од 2014 година, и дали целта е со случајов да се „потчинат“ непослушните политичари. Останува недоумица на кои „непослушни политичари“ се мисли и дали и колку сето ова можеби е поврзано со Македонија и со спроведувањето на спогодбата со Грција
Каква е заднината на скандалoт со издавање државјанства што деновиве ја тресе соседна Бугарија, во кој индиректно е инволвирана и Македонија и дали станува збор за алатка на притисоци на регионалната политика или, пак, случајот единствено може да се забележи како криминален настан со регионални рефлексии.
Според информациите во медиумите, станува збор за случај во кој бугарски државни службеници земајќи мито издавале потврди за бугарско потекло на државјани од земји што се надвор од Европската Унија, врз основа на што овие луѓе добивале бугарски пасоши и државјанства за што Јавното обвинителство во Софија отвори истрага.
Бугарската полиција, пак, неделава информира дека уапсила 22 лица осомничени дека фалсификувале документи со кои Македонци, Украинци, Молдавци, Срби, Албанци и Руси ваделе бугарски пасоши. Тамошните медиуми информираат дека меѓу уапсените се претседателот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев, како и генералниот секaретар, Красимир Томов, а истрагата наредниот период и натаму ќе се ширела со што е можно притоа да биде проширена листата на осомничени и од државите каде што потекнувале граѓаните, кои добиле бугарски документи.
Информацијата за медиумите ја потврдија заменик-главниот обвинител, Иван Гешев, и заменик-претседателот на Антикорупциската комисија, Антон Славчев.
Според податоците од бугарските власти, досега се издадени 153.000 пасоши, а 38.000 се во процедура. Најголем интерес за документите имало во Македонија, од каде што само минатата година биле поднесени дури 10.000 барања за потврди за потекло.
Бугарските медиуми дополнително шпекулираат и дека во истрагата за пасошите е вклучен и министерот за одбрана и лидер на тамошното ВМРО, Красимир Каракачанов, кој, пак, околу обвинувањата одговори дека на тој начин била бранета каузата на етничките Бугари од Македонија и истовремено истакна и дека никогаш не зеле пари за бугарски државјанства.
Некои од тамошните медиуми, повикувајќи се на извори во софиското обвинителство, информираа и дека постојат најави случајот да се проширува со нови имиња па дури и да бидат спроведени истраги во трети земји за случувањето.
Бугарската министерка за правда, Цецка Цачева, изјави дека на повеќе од 750 лица им е откажано издавањето уверение за бугарско потекло во последните година дена. Таа најави дека итно, до крајот на годинава, ќе има промени во Законот за издавање бугарски државјанства за да се избегнат ваквите малверзации во иднина.
Портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, за медиумите неделава изјави дека нема да коментира за тековната истрага, во Бугарија но потсети дека комисијата подготвува сеопфатен извештај за државните измами во многу од земјите-членки, кога станува збор за доделување државјанство, односно т.н. „златни пасоши“.
Интересен агол на случувањата во Бугарија истакна и политичката аналитичарка Полина Паунова, која за Дојче веле прашала зошто во Бугарија токму сега се актуализира скандалот со продажбата на државјанствата, иако тој му е познат на обвинителството уште од 2014 година и дали целта е со случајов да се „потчинат“ непослушните политичари.
Интересно од македонска перспектива за случувањата, е како сето тоа ќе се одрази во домашната политика, имајќи на ум дека во неколку наврати домашните медиуми информираа дека постојат сомневања и индикации дека повеќемина од македонските политичари поседуваат двојни државјанство меѓу кои и бугарско.
По скандалот, поранешниот бугарски конзул во Битола, Наум Кајчев, изјави дека решение за проблемот може да биде во поедноставување на процедурите за документи за бугарско потекло, наместо обратно.
Од друга страна, податоците на бугарското Министерство за правда покажуваат дека за една година барање за државјанство поднеле околу 10.000 Македонци.
Во меѓувреме, за хипотетичкиот импакт на настанот од политичка перспектива можеби може да се протолкува и неодамнешната изјава на Лазар Младенов, претседател на Бугарскиот културен клуб – Скопје (БККС), кој на својот профил на Фејсбук напиша дека пратениците во македонското собрание, особено тие од ВМРО- ДПМНЕ што нема да ги поддржат уставните промени, треба да поднесат барање за одземање на бугарскиот пасош.
Младенов, коментирајќи ги случувањата во македонскиот парламент, порача дека кокетирањето со проруските протежеа на македонскиот претседател, не е само чекор против Македонија, туку тоа било и чин на предавство спрема Бугарија и нејзините национални интереси.
Според него, играњето во полза на каузата, Македонија да остане во моменталната состојба, било следено со големо внимание.
– Немојте да мислите дека немаме информации. И немојте кон нас да се однесувате како маќеа, преземете си ја улогата на мајка, ама сосема сериозно. Овој момент нема повеќе да има репризи. Одговорноста е и ваша. Поразот ќе биде и ваш, ако се случи. Не може некој да ги користи благодатите на Европа преку бугарско државјанство, а да работи против интересите на Македонија да дојде до тие бенефиции – напиша меѓу другото Младенов.
Во меѓувреме аналитичарот Агим Јонуз напиша дека бугарските пасоши веќе со години се по популарни од своевремено „Бјело дугме“ на овие простори.
Тој за македонските медиуми на темава запрашува „ајде да видиме сега колку ’предвреме Европејци’ има во Македонија и колку од нив се на јавната сцена, колку од нив одлучуваат за иднината на Македонија“.
– Ајде да видиме јавно, транспарентно, онака „чесно према народот и бога“, колкумина од јавната политичка сцена, кои „во и за“ интересите на Македонија солзи солени крокодилски леат, а имаат од оние пусулчиња од кои Бугарите таму си направиле дебела пара!? Јавно прашувам зошто државава не донесе закон по кој секој еден што има туѓо државјанство не смее да одлучува за круцијални прашања од, и за интересите на Македонија? Како да знае кој има,а кој нема!? Ех, кое моронско прашање! Не може да дознае во соработка со бугарското МНР или институциите на соработка меѓу двете држави? – пишува меѓу другото Јонуз.
Во меѓувреме, македонските институции МВР и МНР вчера немаа конкретен одговор за можните рефлексии на случајот од Бугарија врз Македонија.
До затворање на весникот македонското министерство за надворешни работи не одговори дали нашата земја била исконтактирана од властите во соседна Бугарија и поврзана со инволвираноста на македонските државјани во настанот. Од друга страна, пак, претставници на МВР, вчера на новинарско прашање истакнаа дека до овој момент тие не располагале со информации поврзани со случајот, кој се води во соседна Република Бугарија и истовремено во тој контекст македонската полиција за случајот не била контактирана од нивните колеги во Бугарија.